19.11.2012, 10:22 Се интензивираат активностите за воспоставување подземен катастар
Владата на синоќешната отворена седница ја прифати физибилити студија за воспоставување инфраструктурен катастар односно за подземниот катастар предложена од Агенцијата за катастар на недвижности.
Како што појасни директорот на Агенцијата Славче Трпески студијата содржи повеќе делови. Се очекува до крајот на 2013 година околу 35 проценти од подземните инсталации да бидат запишани во Катастарот.
- Се скенира моменталната состојба со подземниот и надземниот катастар. Се препорачува воспоставување правна рамка, ИТ инфраструктура, проектен тим што ќе г�� следи овој проект и исто така се посочуваат фискалните импликации. Исто така имаме и акционен план за реализација на проектот, рече Трпески.
Според планот, до крајот на оваа година треба Агенцијата за катастар и недвижности заедно со Министерството за правда до Владата на Република Македонија да достави предлог на закон за подземен катастар. Потоа би следело изготвување на подзаконските акти и изготвување на ИТ инфраструктура за да може овој подземен катастар да се имплементира. Тоа, како што рече директорот на Агенцијата за катастар, би траело до јули 2013 година.
- Некаде до крајот на 2013 година би требало околу 35 проценти од подземните инсталации да бидат запишани во Катастарот. Ова, пред се, затоа што приватните компании како што се Телеком, МЕПСО и други, веќе имаат своја инфраструктура што ја водат. Таа во добар дел, околу 80 проценти, ја водат дигитално што значи ги исполнува оние основни стандарди, рече Трпески.
Главен проблем, како што рече, на долгорочен план во врска со подземниот катастар би биле општините односно јавните претпријатија.
- Освен водоводот во градот Скопје кој што има солидна инфрструктура и околу 60 проценти од територијата на град Скопје веќе ја имаат скенирано односно водат евиденција, низ Република Македонија јавните претпријатија, општините располагаат со многу малку податоци за подземната инфраструктура. Пред се се мисли на водоводни системи, канализациони инсталации... Така што очекуваме тие подоцна да дојдат со уписот на тие инсталации во Катастарот, изјави Трпески.
Се предвидува, додаде тој, во првите пет години да биде вложено околу 7,5 милиони евра со цел воспоставување на приближно 80 проценти од овие инсталации.
- Трошоците би паднале дел на Агенцијата за катастар недвижности. Тоа е оној дел каде што Катастарот ќе треба да направи, да го догради постојниот електронски катастар со можности овие подземни инсталации да се запишуваат во истиот. Исто така трошоците дел ќе паднат и на сопствениците пред се се мисли на приватните компании. Дел од трошоците ќе треба да ги сносат и општините од своите буџети или евентуално средства кои што би се обезбедиле во иднина од ИПА фондовите, и9нформираше Трпески пред членовите на Владата. |