19.11.2012, 09:37 Нимиц денес ќе ги одмрзнува преговорите
Mедијаторот, како што најавија од ОН, денес и утре ќе има одвоени средби со преговарачите на Македонија и на Грција, Зоран Јолески и Адамантиос Василакис
Медијаторот на ОН за спорот за името, Метју Нимиц, денес во Њујорк ќе се обиде да ги заживее замрените преговори за името, потег што може да биде клучен за одблокирање на евроинтеграцијата на Македонија на претстојниот декемвриски самит на ЕУ.
Нимиц , како што најавија од ОН, денес и утре ќе има одвоени средби со преговарачите на Македонија и на Грција, Зоран Јолески и Адамантиос Василакис, што ќе биде прва рунда на преговори по испраќањето на Меморандумот за разбирање, кој беше поздравен од ЕУ, а нашиот одговор доби поддршка и од САД. Според најавата разговорите ќе траат два дена, а преговарачите со Нимиц ќе се видат одвоено, но потоа е предвидена и заедничка средба. Таа, како што најавија ОН, ќе се оствари за да се процени статусот на разговорите и за да се направи прогрес во изнаоѓањето заемно прифатливо решение за проблемот со името.
Дали и што ќе произлезе од средбата не навестува ниту една страна, но неофицијално не се очекува дека Нимиц ќе излезе со нов предлог. Единствено е можно грчкиот преговарач Адамантиос Василакис да го стави на маса Предлог-меморандумот за разбирање, кој патем во делови беше поздравен а во некои други беше оспорен од наша страна. Средбата ја поздрави претседателот Ѓорге Иванов со оценка дека е добро што се придвижува процесот на преговори, нешто што го барал и лично.
„Да видиме по состанокот кои идеи ќе бидат изнесени и кои се размислувањата на Нимиц во оваа ситуација. Ние како државен врв сме во координација и нашиот претставник Јолески ги знае ставовите на државата. Се надеваме дека Василакис исто така ќе дојде со ставовите од грчката влада и дека овој процес ќе почне да се придвижува. Секоја статус кво состојба не му одговара никому“, рече претседателот Иванов. (Н.Р.) |