18.11.2012, 16:27 Ако си во неволја - врти 112
Македонија ќе го воведе европскиот број преку кој граѓаните ќе бараат помош, а службите ќе се организираат
Место размислување каде да се јавите: во полиција, Брза помош или Противпожарна, во ситуации кога секоја секунда е драгоцена, доволно ќе биде да го повикате бројот 112 и да известите што се случило, по што службите ќе се организираат и ќе дојдат на помош. Македонија, по примерот на европските земји, наскоро ќе го воведе единствениот повикувачки број за неволји.
Еден од мотивите за копирање на американскиот 911, е големиот број сообраќајни несреќи, кои иако годинава бележат процент на намалување, сепак, само во првите девет месеци однесоа 100 животи.
„Не станува збор за обично воведување нова телефонска линија. Напротив, се работи за стекнување повеќенасочни придобивки. Како прво, со операционализацијата на овој проект, имплементираме уште еден важен стандард хармонизирајќи се и во овој сегмент со ЕУ. Второ, овој проект ни нуди можност да ги преиспитаме своите надлежности, да ги усогласиме отворените прашања, но и да ги преиспитаме сопствените пропусти и грешки во реализација на ингеренциите. Трето, како од организациски, така и од технички аспект воведувањето на европската линија 112 ќе ги зајакне капацитети и ефикасноста во системот на дознавање - лоцирање - интервенирање при разни ситуации. Впрочем, токму ‘првиот одговор‘ и правовремената реакција го имаат клучното влијание во спасувањето“, смета министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Според статистиката, 90 отсто од луѓето при сообраќајни несреќи вртат на полицискиот 192. Наскоро, преку бројот 112, трите центри во Скопје, Битола и во Штип најбрзо ќе се организираат и ќе дојдат на местото каде што е потребна помош. (Г.А.) |