19.11.2012, 15:15 СДСМ: ДУИ провоцира со однесувањето во Кичевско
Опозициската СДСМ денеска ги оквалификува како политичка провокација и сериозен скандал незаконското поставување 30 метарски јарболи во кичевските села од страна на ДУИ и изјавата на лидерот на таа партија Али Ахмети дека никој не смее да ги симне.
Тоа, според потпретседателот на СДСМ Гордан Георгиев, е само последниот во низата потези на партиите на власт со кои тие ги предизвикуваат и заоструваат меѓуетничките тензии во државата, за да им се додворат на своите гласачи пред изборите напролет.
Георгиев упати критики и до официјална македонска дипломатија, која смета дека останала целосно немоќна ��о услови кога за два дена се случија две сериозни дипломатски навреди на Република Македонија и на македонскиот народ од странски амбасадори акредитирани во земјава.
Според Георгиев, без сериозна ракција на власта не треба да остане присуството на албанскиот амбасадор во Македонија на поставувањето на албанското знаме во Кичевско и на последниот говор на евроамбасадорот Аиво Орав во Европскиот Парламент, кој прв пат го употреби терминот „славомакедонци“, зборувајќи за македонскиот народ.
- Ние не сакаме да поверуваме дека се работи за усогласен пазар со кој заради враќање на придавката „македонски“ во ЕУ извештајот, Владата евентуално премолчено се согласила ЕУ претставниците во иднина да го употребуваат терминот „славо македонци“ за нашиот идентитет, забалежа потпретседателот на СДСМ. |