16.11.2012, 09:35 Тричасовен прекин на израелската офанзива врз Појасот Газа
Израел објави дека ќе прекине со воената офанзива врз Појасот Газа за време на денешната тричасовна посета на египетскиот премиер во палестинската енклава.
Египетскиот премиер Хишам Кандил денеска пристигна во Појасот Газа за да изрази поддршка за Палестинците откако Израел гранатираше повеќе од 130 цели ноќеска додека палестинските екстремисти испукаа 11 ракети од Газа.
Кандил ќе остане во Појасот Газа три часа и најверојатно ќе се обиде да посредува за договор за прекин на огнот.
Израелската авијација рано изутринава изврши нови напади врз Појасот Газа, а повеќето од нив биле насочени кон градот Газа, соопшти Министерството за внатрешни работи на Хамас.
- Во текот на ноќта беа извршени 130 напади. Разурната е административната зграда на Министерството за внатрешни работи, која служи за издавање пасоши, во квартот Тел ал Хава, потврди портпаролот на министерството Ислам Шахван.
Авионите биле пресретнати од палестински ракети, истрелани од предградијата на Газа во правец на јужен Израел.
Според очевидци, неколку кампови за обука, користени од палестински вооружени групи, биле уништени во последните израелски напади.
Портпаролот на спасувачките служби на Хамас, Адхам Абу Селмија истакна дека во нападите се убиени 19 Палестинци, меѓу кои и неколку деца, а 235 се повредени.
Воен портпарол потврди дека израелските воздухопловни сили извршиле 466 напади од почетокот на операцијата „Столб на одбраната“.
Израел претходно почна да ја придвижува армијата кон границата со Газа и нареди да се мобилизираат 30.000 резервисти за евентуална копнена операција против палестинската енклава. |