15.11.2012, 15:39 Металург трпеливо ќе го топи Киелце
За тренерот на „металурзите“, полскиот првак е фаворит во дербито од Лигата на шампионите, но потсетува дека не се случувало еднаш Давид да го победи Голијат
РОБЕРТ ДИМИТРИЕВСКИ
Металург ја загрева „печката“ за полскиот ракометен првак Киелце, со надеж дека атмосферата во салата „Борис Трајковски“ в недела од 18 часот ќе достигне точка на топење за носителот во групата Ц од Лигата на шампионите. Дуелот од петтото коло меѓу двете од само четири екипи со максимален ефект во ЛШ досега е прогласен за меч на неделата од Европската ракометна федерација, во кој шампионот на Македонија со победа може да обезбеди осминафинале уште на половина од групната фаза. „Металурзите“ не ја кријат желбата празникот на ракометот да го прослават со голем триумф, иако тренерот Лино Червар не престанува да предупредува за силата на противникот со амбиции да стигне до завршниот турнир.
„Киелце е најдобриот полски клуб, еден состав со многу интернационалци и со најдобрите полски играчи. Тоа е клуб со големи амбиции, кој не крие дека целта им е да влезат на фајнал-форот во Келн. Имаат огромен буџет, со многу можности за развој на клубот, градат нова сала, значи сериозен клуб“, вели трофејниот ракометен стратег. „Тренер им е Вента, кој го почитувам, а во тимот имаат и петмина хрватски репрезентативци на кои осум години им бев тренер. Ги имаат двете најкомплетни крила на светот Чупиќ и Штрлек, па пивотот Муса, десниот бек Бунтиќ, а сега им дојде и голманот Лозерт. Ги имаат и најдобрите полски ракометари, како што се Лиевски, Бјелецки, Ткачик, Росински, Јурецки. Тоа е екипа што ги има и Словенецот Зорман и Србинот Стојковиќ, двајцата репрезентативци на своите земји. Резерви се Ткачик, Бјелецки и Лиевски, кои се носители на играта на полската репрезентација, па можете да замислите каква е конкуренцијата во екипата“.
Имајќи го сето ова предвид, Червар останува на ставот дека Киелце е фаворит во меѓусебната пресметка за врвот во групата.
„Секако дека не сум измислил топла вода ако кажам дека Киелце е фаворит, дека нивниот пораз во саботата од Висла во Плок не е никакво мерило на ситуацијата, туку станува збор за олабавување. Нивното најсилно оружје е транзицијата преку Штрлек и Чупиќ, кои се исклучително брзи крила и најдобри стрелци во тимот. Тоа значи дека секоја наша грешка и невнимателност тие ќе ги казнуваат многу брзо со контранапади, кои се убиствени и мораме да ги спречиме. Тоа најдобро на својата кожа го почувствува Шамбери, кој со нив добро се носеше до 40. минута, по што само малку попушти, им подари неколку топки и тие се одлепија на десет гола разлика во само осум минути“, го „дијагностицира“ ривалот тренерот на „металурзите“ и веднаш предлага „терапија“: „Мораме да им се спротивставиме со многу квалитетна одбрана, а во нападот мораме да бидеме исклучително трпеливи и не смееме, всушност, забрането е да правиме наивни технички грешки. Се разбира дека и голманот е многу битен во тој натпревар, а публиката треба да ни даде уште малку ветер ��о грбот за да создадеме таква атмосфера што ќе биде и празник на ракометот, но и ќе ни донесе победа. Не се случило еднаш Давид да го победи Голијат. Со победа ќе можеме слободно да кажеме дека сме во топ-16, но ние сакаме да бидеме на едно од првите две мести, за реваншот од осминафиналето да го играме на домашен терен“.
Во сличен тон е и размислувањето на капитенот Ванчо Димовски.
„Ретко која екипа има во своите редови играчи што имаат освоено толку многу трофеи во својата кариера на клупски и на репрезентативен план. Не' очекува противник што до поразот со Висла немаше ниту еден лош ден, сите натпревари ги доби лесно и убедливо. Знаеме како изгледа Киелце и кога гази сигурно, но и кога не му оди најдобро, ги знаеме нивните силни страни и ќе се обидеме да ги спречиме. Сакаме да ја продолжиме серијата победи, а за таа цел ќе мораме да одиграме најдобро што можеме, борбено и сконцентрирано“, вели кружниот напаѓач на Металург.
Лидерот на тимот, за каков што Червар го смета Наумче Мојсоски, ќе биде во составот, иако не' е стопроцентно заздравен и подготвен за големи оптоварувања. Повредата ја санира и Петре Ангелов, а дали тој ќе биде алтернативата за Дарко Станиќ на голот или Никола Митревски, кој бранеше против Вардар про во дербито од СЕХА-лигата викендот, Червар ќе реши непосредно пред натпреварот. “.
|