18.11.2012, 12:54 Баерн сопрен во Нирнберг
Во 12. коло Баварците одиграа 1:1, а додека Борусија Дортмунд го совлада Гројтер со 3:1
Лидерот во Бундес-лигата, Баерн Минхен, киксираше на гостувањето кај Нирнберг и одигра само 1:1 во баварскиот дуел од 12. коло на германското првенство. Фаворитот поведе уште во третата минута со погодокот на првиот стрелец во лигата, Марио Манџукиќ, но домаќините не се предадоа. Младиот Маркус Фолнер, кој инаку беше дел од младинската школа на Баерн, израмни за Нирнберг во почетокот на второто полувреме. За Баерн ова е прво реми сезонава. И покрај загубените два планирани бода, Баерн и понатаму е убедлив лидер на табелата. Тренерот Јуп Хајнкес направи многу промени во стартниот состав. Не можеше да смета на Арјан Робен, Франк Рибери и Жером Боатенг, а резерви беа капитенот Филип Лам и Хавиер Мартинез, кои сепак влегоа во второто полувреме. Хајнкес не беше многу разочаран од ремито.
„Овој резултат не значи дека е крај на светот. Не можете да победите на сите мечеви. Мораме да се навикнеме и на нерешени. По водството од 1-0 пропуштивме шанси да постигнеме втор погодок. Нормално е дека израмнувањето негативно влијаеше на нашата психа“, вели Хајнкес.
Нирнберг во последните 15 минути играа со фудбалер помалку, откако втор жолт картон доби Тимо Гебхарт. И покрај тоа Баерн не успеа да постигне втор гол, кој ќе им обезбедеше нова победа. Голманот на гостите, Мануел Нојер, вели дека немало шанси да се одбрани шутот на Фолнер со кој Нирнберг израмни.
„Беше многу тешка топка за бранење. Топката го менуваше правецот на движење, а јас бев маркиран. Лути сме бидејќи загубивме два бода“, рече Нојер.
Бранителот на титулата Борусија Дортмунд целата работа околу победата над дебитантот Гројтер ја реши во првото полувреме. По само три минути игра „милионерите“ преку Левандовски поведоа со 1:0, по што две минути подоцна Штибер ги шокираше домашните навивачи изедначувајќи на 1:1. Сепак актуелниот шампион не потпадна под притисокот, во продолжение со вториот гол на Левандовски од белата точка го врати водството на 2:1, а Марио Геце во самиот финиш на првото полувреме погоди за конечни 3:1.
Анјтрахт уште еднаш потврди дека се наоѓа во одлична форма откако го совлада Аугсбург со 4:2. Убедливиот триумф за избраниците на Армин Феа значеше задржување на третото место на табелата во германскиот шампионат.
Изненадувањето на колото доаѓа од Хановер, неочекувано пред своите навивачи беше поразен од Фрајбург со 2:1.
Резултати: Борусија Д. - Гројтер 3:1, Ајнтрахт - Аузбург 4:2, Хановер - Фрајбург 1:2, Борусија - Штутград 1:2, Нирнберг - Баерн М. 1:1, Хамбургер - Мајнц 1:0, Леверкузен - Шалке 2:0, Леверкузен - Шалке 2:0. |