18.11.2012, 11:26 Тежок пораз за МЗТ во Александровац
„Металците“ по двете победи во низа во АБА лигата, синоќа на гостувањето во Александровац (БиХ) кај Игокеа претрпеа убедлив пораз од 79:55
Игокеа му нанесе тежок пораз на МЗТ Скопје, откако го совлада на домашен терен во Александровац со убедливи 79:55 (23:14, 18:14, 16:9, 22:18), во деветото коло од АБА лигата.
Во досега најлошо одиграниот натпревар во регионалната конкуренција, играчите на Алеш Пипан постигнаа само една тројка, а имаа и 18 загубени топки.
Во петиот пораз само тројца играчи имаа двоцифрен ефект, Ѓорѓи Чековски (14 поени, 6 скока, 3 асистенции, една украдена топка и 6 загубени топки), Дамјан Стојановски (14 поени, еден скок, 5 украдени топки) и Урош Николиќ (10 поени, 7 скока).
За Игокеа, која ја прекина серијата од два порази (Цедевита и Задар) по ред, Милан Дозет со 20 коша беше предводник во седмата победа во Јадранската лига.
МЗТ Скопје, повторно ќе гостува во следното 10 коло, овојпат во Задар на 24 ноември.
Во другите вчерашни дуели од 9.коло во АБА лигата постигнати се следниве резултати: Сплит – Цибона 72:62, Раднички – Широки 73:59 и Будуќност – Задар 76-60.
Денес играат: Црвена Ѕвезда – Крка, Цедевита – Шолнок и Олимпија – Партизан.
Табела: Игокеа 7-2 (победи-порази), Партизан 6-2, Цедевита 5-3, Будуќност 5-4, Радничи 5-4, Црвена Ѕвезда 4-4, Унион Олимпија 4-4, Крка 4-4, Цибона 4-5, Сплит 4-5, МЗТ Скопје 4-5, Широки 3-6, Задар 3-6, Шолнок 2-6. |