19.11.2012, 12:47 Музички документарни хитови на „Синедејс“
Утревечер е британскиот филм за големиот музичар Брајан Ино, додека на 23 ноември е „Замолкни и свири хитови“ за исклучителниот американски бенд „ЛЦД Саундсистем“ и фронтменот Џејмс Марфи
Од музичките документарни филмови селектирани на годинашниот филмски фестивал „Синедејс“, до неговото завршување остануваат уште четири извонредни остварувања. Станува збор за филмовите „Брајан Ино - Уште еден зелен свет“, „Деца на социјализмот“, „Замолкни и свири хитови“ и „Лод на мапата“.
Во киното „Фросина“ во 23 часот, утре е британскиот филм за Брајан Ино, еден од најголемите умови во современата музичка историја. Филмот е во режија на Никола Робертс и е снимен пред две години. Тој ќе ја има македонската премиера, а се смета за еден од најдобрите британски музички документарни филмови во последните неколку години.
Од почетоците на групата „Рокси Мјузик“ пред 40 години, која се сметаше како предигра за револуционерни амбиентални експерименти, па се' до продуцентската улога во клучните албуми на Дејвид Боуви, „Токинг Хедс“, „У2“ или „Колдплеј“, Брајан Ино заслужено ја носи титулата гениј. Импресивните 60 минути во негово друштво, екипата од „Би-би-си Арена“ ги искористува прикажувајќи ни како тоа изгледа додека се работи во студио преку интересни разговори со колеги и пријатели на тема наука, уметност, кибернетика, продуцирање албуми...
Инаку, „Уште еден зелен свет“ („Another Green World“) е третиот студиски албум на Ино, кој најпрвин ќе го издаде „Исланд Рекордс“ во 1975 година и на кој ќе соработува со врвни музичари како Џон Кејл, Фил Колинс и Роберт Фрип. Со овој албум, Ино ќе ја означи својата значајна стилска промена во однос на претходните изданија. Всушност, овој албум кој повеќе им придава значење на боите на инструментите, отколку на текстот, се смета за првиот пример на т.н. „амбиентална музика“.
На 22 ноември, пак, во „Фросина“ во 23 часот, ќе биде прикажан словенечкиот „Деца на социјализмот - Заменете ми ја главата“, во режија на Бране Битенч. Ова е филм за култниот панк-рок бенд од Љубљана „Отроци социјализма“, во кој Бране Битенч своевремено беше вокал. Во бендот, кој зад себе има три албуми, членуваа осум музичари и се сметаше за словенечки еквивалент на култниот англиски бенд „Џој Дивижн“. Среднометражниот документарен филм, без некоја поголема сентименталност, со само трошка носталгија, ја раскажува приказната за бендот реоформен за концерт речиси 30 години подоцна.
Американскиот „Замолкни и свири хитови“ во режија на Дилан Саутерн и Вил Лавлејс, е закажан за петок, 23 ноември во „Фросина“ во 23 часот. Се работи за документирање на последниот концерт на исклучителниот американски денс-панк бенд „ЛЦД Саундсистем“ во Њујорк. Филмот го следи фронтменот на групата, Џејмс Марфи во период од 48 часа, поточно од утрото до последниот концерт во „Медисон Сквер Гарден“, па се' до следното утро. Критиката ќе го опише како визуелно совршен, концертен документарец.
Во Џепното кино на МКЦ, пак, на 24 ноември во 19 часот, ќе биде прикажан израелскиот „Лод на мапата“ во режија на Душан Соломун и Оскар Стибиц. Мохамад, Моше, Лирон и Нетанел живеат во Лод, град на 30 километри од Тел Авив. Во Израел, Лод е познат како град со најголема стапка на невработеност и криминал. Сите четворица се музичари кои сонуваат за успешна кариера. Тие сакаат да побегнат од сиромаштијата што им се заканува и едноличниот провинциски живот што го водат нивните родители. Мохамад и Моше се рапери, а Лирон и Нетанел сонуваат за славна кариера во „Мизрахи“ - еврејската поп-музика. „Лод на мапата“ е необичен филм за Израел. Тој ни дава можност да навлеземе во секојдневниот живот на младите луѓе во еден провинциски град, да ги разбереме нивните надежи и соништа, да ја разбереме нивната борба за внимание и нивната желба да станат славни. (Т.И.)
|