18.11.2012, 14:39 (ФОТО) Лајбах не' „здрма“ со индустријал-доживувањe
Концертот беше пригодна музичка храна и потсетување кон културните движења „Нова словенска уметност“ на „Лајбах“ и „Македонска стрелба“ на „Мизар“
ФОТО: Никола Бурагев и Мира Беќар
Најавата за концертната спојка на домашните „Мизар“ со култниот словенечки состав „Лајбах“ со брзина на светлината ги електрифицираше антените на закоравените музички зависници. Во саботата на „Скопски саем“ се случи музичко соединување од историски размери, пред се' поради идеолошката блискост и прогресивниот и авангардниот жар кој двете групации уште од 80-тите години го поделуваат на различни генерации гладни уши. Концертот што го организираше „Спектаклум“ беше пригодна музичка храна со рецепт за инстант-бегство од робомислителството, придвижување и потсетување кон културните движења „Нова словенска уметност“ на „Лајбах“ и „Македонска стрелба“ на „Мизар“.
Музичката пресметка на „Скопски саем“ започна од групата-основоположник на домашниот мрачен, готик-рок звук. Горазд Чаповски и „Мизар“ на сцена заедно со хорот „Хермосини“. Звучен спој на традиционалната македонска музика, модерно и мистично, дарвејв-атмосфера, но главно мотиви од старословенското пеење и источновизантиска персонализација. Последното, четврто откровение на бендот претставуваа теми од албумот „Детето и белото море“, а единствени излети од ваквиот концепт беа „Dreaming“ од „Кисмет“ и неколку пати препеаната „Почесна стрелба“. Можеби аудитироумот ќе беше уште позадоволен доколу „Мизар“ тргнеа малку похрабро и засвиреа нешто постаро како „Девојко од бронза“ или теми од „Свјат дримс“.
Публиката падна во делириум кога на сцена се појавија „Лајбах“. Ова беше нивна вечер. Долгоочекувано враќање пред фановите и музичките фанатици. „Лајбах“ во фокусот со „Доаѓаме во мир“ и нивната музика од научнофантастичниот филм „Железно небо“. Фашистичката фарса и супериорноста на глупоста како платформа за едно интензивно аудио-визуелно, мултимедијално доживување. Сите во транс. Низ салата на „Саем“ загрме индустријал-звук. Претпознатливиот црн крст на Казимир Маљевич се „прошета“ по огромните видеобимови, а го носеа и дел од фановите во публиката. Селекцијата на материјали од „Железно небо“ беше надополнета со „Alle gegen Alle“ „Leben heisst leben“ „Брат мој“ „Geburt Einer Nation“ „B Machina“, но и преработките на „Битлси“ - „Across the Universe“ и на „Јуроп“ - „The final countdown“. Останаа оригинални спрема „големите“ политички збиднувања. „Лајбах“ потсетија зошто се една од највлијателните индустријал-групации од словенечката, но и глобалната музичка сцена.
За заокружување на вечерта, поточно за оние што решија да останат до самиот крај, настапи домашниот Мирко Попов со специјална диџејска селекција. (Б.Ш.)
|