19.11.2012, 13:11 Охридското Езеро загадено со фософор од албанска страна
Еколошки инцидент се случил викендов албанската страна на Охридското Езеро, кај селото Дрилон во близина на граничниот премин „Св. Наум“. Според информациите од Еколошкото друштво „Грашница“ од Охрид, во водите на езерото биле излеани големи количини непречистена вода, најверојатно поради дефект на пречистителната станица што се наоѓа во непосредна близина.
Локалното население веднаш реагирало на инцидентот, пријавувајќи го случајот и кај надлежните институции во Албанија и кај екологистите од Охрид.
Првичните информации до кои стигнале надлежните од ЕД „Грашница“ укажуваат дека се работи за загадување на Охридското Езеро со фосфор, мошне опасна материја што го забрзува процесот на стареење на езерото.
Слични инциденти се пријавувани и претходно на албанска страна на Охридското Езеро. Токму поради тоа охридските екологисти честопати реагирале кај Билатералниот секретаријат за заштита на езерото, со барање за проверка на сите инсталации за транспорт и третман на отпадни води долж крајбрежјето.
Загадувањето со фосфор доведува до енормно збогатување на водите со органски материи односно подлога за развој на повисоки облици водна вегетација, што пак води кон намалување на количеството кислород во водата. Прва на удар потоа е рибата, во случајов пред се ендемскиот вид охридска пастрмка која живее во вода богата со кислород. Загадувањето со фосфор доведува до изумирање на езерото и во крајна фаза - негово претворање во мочуриште.
Албанската страна ги демантира тврдењата за еколошки индицент
Аријан Мероли од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро ги демантира информациите за еколошки инцидент на албанската страна на езерото. Тој изјави дека се работи за вообичаена практика на испуштање третирани отпадни води во езерото од пречистителната станица кај селото Дрилон во близина на граничниот премин „Свети Наум“.
- Станува збор за вообичаено испуштање на отпадните води во езерото од пумпната станица, кои овој пат биле испуштени со побрзо темпо, па поради поголемиот притисок дошло до создавање пена која набрзо потоа исчезнува, појасни Мероли.
Тој додаде дека надлежните служби во Албанија редовно вршат мониторинг со контрола врз примероци земени од отпадните води што се испуштаат во езерото, како и дека концентрацијата на фосфор во преработените води никогаш не е поголема од максимално дозволената, во конкретниот случај до 60 проценти пониско.
- Засега инсталациите за прочистување на отпадните води на албанската страна на Охридското Езеро вршат механичко и биолошко прочистување, додека некаде во јануари идната година се очекува да биде заокружена третата фаза од проектот на пречистителната станица на албанската страна на езерото, што ќе значи хемиски третман на отпадните води, појасни тој. |