16.11.2012, 15:44 Дебата во МАНУ: Толерантноста не е нерешителност
Пораките на омраза во денешно време се многу помоќни во негативна смисла од оние искажани во духот на толерантност, предупредија експертите
ФОТО: Киро Попов
Гордана Дувњак
„Нетолерантноста и омразата врз национална, расна, верска или која било друга основа создаваат услови за конфликтност, која може да прерасне во насилство и општествена дезориентација“, истакна денеска академик Владо Камбовски на дебатата „Говорот на омраза - предизвици во ерата на толеранцијата, различноста и кохезијата“, што ја организираше МАНУ во партнерство со ОБСЕ и Академијата за судии и јавни обвинители, а по повод Меѓународниот ден на толеранција.
Академик Камбовски во своето обраќање потенцираше дека токму во ова време повеќе отсекогаш на нашето општество му е потребно да го прогласи и да го смести во редот на основните човекови права - правото на толеранција, кое подразбира респект, заштита на еднаквите слободи и права.
Дека пораките на омраза во денешно време можат да бидам многу помоќни во негативна смисла од оние искажани во духот на толерантност предупреди и претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски. Тој потенцира дека во нашиот начин на размислување и однесување мора јасно да се апострофира ставот дека толеранцијата во никој случај не означува отстапка или попустливост, ниту, пак, дека станува збор за некаква мекост и нерешителност.
Повеќемина учесници на дебатата ја посочија тенката линија меѓу слободата на изразување и говорот на омраза, кој барем во Македонија се' уште не се санкционира, иако го има се' повеќе, како на спортските натпревари, на социјалните мрежи, така и во говорите на политичарите. Дали нешто ќе се третира како говор на омраза и ќе се квалификува како вербално казниво дело зависи од конкретната вредносна оцена за балансот на вредности.
Судијката Мирјана Лазарова-Трајковска од Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур потенцираше дека слободата на изразување е издигната на највисок степен, но не е неограничена. Секое ограничување мора да биде исклучок и добро аргументирано. Таа наведе повеќе примери од практиката, од каде што може точно да се види дека секој случај се разгледува посебно и се води сметка за контекстот. Според неа, тоа што Македонија нема предмет пред овој Суд не значи дека македонските судии не се обврзани да ги користат европските искуства.
Академикот Камбовски и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска подвлекуваат дека во Македонија има слаба примена на законите кои ја регулираат оваа материја, а во однос на говорот на омраза ниту една судска пресуда.
„Првиот фактор за тоа е ниското ниво на култура на толеранција. Овие вредности се заборавени и се поттурнати од материјалистички и политички и други краткорочни интереси кои не се секогаш на линијата на еден одржлив развој на сите. Од друга страна, создадена е тензичност, главно, во сферата на политичките односи. Тоа ги инхибира судовите или надлежните државни органи да постапуваат во примената на законите со едно малку чудно образложение дека е подобро таквите појави да не ги форсираме премногу, да не бараме судски разрешници за на тој начин уште повеќе да не распируваме определени нетрпеливости, туку да гледаме да ги заборавиме“, оцени Камбовски.
Директорката на Академијата истакна дека се започнати серија активности за сензибилизирање на судиите и јавните обвинители за оваа многу комплексна материја.
|