16.11.2012, 13:49 Деветмина уапсени за дубари со нафта
Во полициската акција која носи оперативно име „Керозин“ упасени се девет лица од Неготино, а запленети се цистерни, возила и 26.000 евра
Сопственикот на фирмата „Алма - Комерц“ и уште осуммина негови сограѓани се уапсени во полициската акција „Керозин“. Групата е уапсена по повеќе месечна истрага, со примена на посебни истражни мерки, а поради сомнеж дека биле направени злоупотреби со неисполнување на обврски од склучените договори за јавни набавки.
Полицијата поднесе пријави против организаторите А.П.(57), Љ.П.(32) и Љ.Т.(31) и членови на групата М.П.(52), М.Д.(33), А.А.(29), М.П.(31), Г.Ј.(39) и Ѓ.С.(39), се' уште не поседува точни податоци за тоа колку е оштетен државниот Буџет. Според министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска најверојатно станува збор за десетици илјади евра.
Криминалот на групата, кој се случувал во повеќе градови во државава, се состоел во неисполнување на обврски од склучени договори за јавни набавки, односно за транспорт и испорака на нафта за греење на државни органи и институции, но и детски градинки, училишта и здравствени домови.
Сомневањата во „Алма-Комерц“ започнале уште со добивањето на правото за транспорт и диструбиција. Фирмата ги добивала тендерите нудејќи најнсики цени во однос на конкурентите, односно цени кои немале никаква економска логика, но ниските понудени цени биле дел нивниот план кој што предвидувал неисполнување на обврски од договорите за јавни набавки на нафта за греење, односно нивно неиспорачување, а сепак, наплатени.
„Членовите на групата при вршење на криминалните активности поврзани со набавка и достава на нафта за греење користеле повеќе различни модуси. Еден од начините бил со замена на однапред подготвени две идентични товарни возила–цистерни“, вели Јанкулоска. Таа појасни дека цистерни „близнаци“, кои се идентични според модел и боја и биле во сопственост на „Алма Шпедиција“, на „вагањето“ се утврдувала точната литража, а потоа тој се заменува со цистерната во која имало многу помало количество нафта. На “близнаците“ им се заменувале регистарските таблички и се вршела испораката кон набавувачот.
Само во средата, во непосредна близна на Скопје, полицијата, инспекторите на УЈП, Пазарната инспекција и лица од Управата за метеорлогија, утврдиле дека во запрената цистерна имало 11.900 литри нафта за греење, а според испратниците требало да има 28.000 литри.
„Ако се земе в предвид фактот дека ваква цистерна има максимална носивост од 20.000 литри, значи дека тој ден можело да се достави само 8.000 литри нафта, а не 28.000 литри, криминаланата група прибавила имотна корист во износ од околу 1,2 милиони денари или 20.000 евра“, вели министерката.
Полицијата ќе врши проверки на сите досега реализирани набавки, но и за можна инволвираност на одговорни лица во институциите. Приведените ќе одговараат за злосторничко здружување, употреба на исправа со невистинита содржина, злоупотреба на службена положба и овластување и за помагање. (Љ.С.)
|