18.11.2012, 15:00 Нова инвестиција на „Пекабеско“
„Пекабеско“ го пушти во употреба новиот производствено-логистички центар за производство на месни и сувомесни производи. Вкупната инвестиција изнесува 13 милиони евра, од кои 9,5 милиони се обезбедени преку кредит од Европската инвестициска банка и Македонската банка за поддршка на развојот, а останатите се сопствени средства на компанијата.
Центарот е изграден по сите европски и ХАСАП стандарди за производство на сувомесни производи. Фабриката има капацитет за производство од 35 тони на ден, конфекционирање свежо месо, производство на паштети, складирање и расекување свежо месо, пакување смрзната риба, пакување смрзнат зеленчук и овошје и магацини со 7.000 палетни места на сите режими на лагерување. А за сето ова да се постигне ќе бидат потребни најмалку 30 тони свежо или замрзнато месо како суровина дневно.
Директорот на „Пекабеско“, Слободан Кутревски, истакна дека во компанијата има 310 вработени, а во тек е оглас за 50 нови работни места, а кога ќе го достигне својот полн капацитет, ќе бидат вработени дополнителни 200 луѓе.
„Објектот е направен по сите техничко-технолошки стандарди. Технолошкото решение за изградба на објектот го направи швајцарска компанија запазувајќи ги сите европски нормативи и стандарди во производство и дистрибуција за центарот да добие и европски извозен број“, посочи Кутревски. Компанијата освен на македонскиот присуствува и на пазарите во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Србија. (Ек.Р.) |