18.11.2012, 15:37 (ФОТО) Голем актер кој ги достигнуваше врвовите
„Беше крал на сцената, на комедијата, драмата, мјузиклот, естрадата, на радиото и на телевизијата“, рече актерот Зоран Љутков на комеморацијата по повод смртта на Владимир Ангеловски-Дади што се одржа во Драмски
„Животот не' предодреди нас двајцата да го поминеме целиот живот заедно, в театар. Јас почнав речиси на иста возраст како Дади, само во Битола, а откако дојдов во Скопје, бевме неразделни најмногу соработувајќи со Димитар Станковски и со Коле Ангеловски. Дади беше мал човек по раст, но голем актер кој ги достигнуваше врвовите“, рече актерот Благоја Чоревски-Чоре ��а комеморацијата што по повод смртта на големиот и исклучителен актер Владимир Ангеловски-Дади, се одржа во саботата во Драмскиот театар.
Во оваа театарска куќа, каде што Дади беше ангажиран целата своја кариера, македонскиот цар на комедијата беше испратен од своите колеги, од театарот, од радиото и од ТВ-продукцијата, од пријателите, меѓу нив судии, лекари, спортисти, стари кафеанџии, боемџии, соседи, стари скопјани, од роднините..., кои беа во голем број. Чоре додаде и дека Дади беше актер влезен во секоја пора на Драмскиот театар, дека беше комичар кој велеше дека критиката не ја разбира тежината на комедијата, па дека затоа наградите го одминуваа се' до „Дунек“.
Неговите колеги се сеќаваа за Дади како за актер кој 50 години најумешно и лесно се трансформираше од трагичар во комичар, како роден глумец, како добар човек.
На сцената, покрај Чоре, пред видеобимот со фотографии од дел од неговото творештво, зборуваа и Зоран Љутков, уметнички директор на Драмски, и неговиот сценски партнер Лазе Манасковски, кои потсетија дека Дади само во театарот има изиграно над 5.000 претстави и остварено над 500 улоги, дека е еден од најпопуларните македонски актери, кој со раскошниот талент на мултимедијален актер, успеа на топол начин да влезе во секој дом.
„Дади беше крал на сцената, на комедијата, драмата, мјузиклот, естрадата, на радиото и на телевизијата. Тешко е да се опфати се' што голем човек како Дади го има оставено зад себе“, рече Зоран Љутков.
|