18.11.2012, 13:59 Премиера на филмот на Иво Трајков во Скопје
„Берлин проект“ е интересно остварување, чиј предизвик, пред се', е формата и жанровскиот филм
Сунчица Уневска
Вечерва во 20 часот во киното „Милениум“, во рамките на фестивалот „Синедејс“, ќе се одржи скопската премиера на новиот филм на македонскиот режисер Иво Трајков „90 минути - Берлин проект“. Овој интересен филм веќе ја имаше својата македонска премиера на годинешниот Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, каде што беше вклучен во програмата „Нови визии“ и каде што наиде на одличен прием и реакции од публиката.
И не случајно, бидејќи „90 минути - Берлин проект“ нуди нешто сосем поинакво. Тоа е филм кој е направен така да изгледа како целосно да е снимен во еден кадар, нуди една сосем поинаква игра со формата и со жанровскиот филм, а со својата динамика, прецизност и инвентивност успева да го задржи вниманието докрај и да ја испровоцира љубопитноста на гледачот. Тоа е приказна за еден актер, снимена како филм во филм и истовремено како возбудлив трилер, направен во реално време, во текот на кое главниот протагонист го претрчува речиси цел Берлин за да го пронајде и убие гуруто, за кого верува дека ја убил неговата девојка.
Но, факт е дека приказната и сценариото во овој филм воопшто немаат класична нарација, туку го следат, пред се', визуелниот и некласичниот концепт во поглед на формата. Како што објасни косценаристот Иван Мариновиќ на прес-конференцијата во Битола, дека сценариото се работело на сосем спротивен начин од она што е вообичаено.
„Сценариото се пишуваше во текот на самото снимање и се' беше како еден вид бреинсторминг“, истакна Мариновиќ. Тој објасни дека режисерот Трајков сакал тоа да биде филм снимен во еден кадар, да биде динамичен, без многу дијалог и со мал буџет, па така прво избирале локации, па дури потоа сето тоа го ставале на хартија. „Станува збор за многу сложен проект и јас сам никогаш не би се нафатил на такво нешто, но Иво Трајков држеше се' под контрола, бидејќи поседува неверојатна занаетчиска умешност“, додаде Мариновиќ.
А што се однесува до тоа како филмот е снимен во еден кадар, копродуцентот Роберт Јазаџиски објасни дека со оглед на тоа што е снимен низ цел Берлин, претходно биле направени неколку долги кадри кои потоа се споени да изгледаат како еден. „Концептот за снимање во реално време и во еден кадар, покрај тоа што ја интензивира емоционалната вредност на филмот, исто така креира свеж и ироничен поглед кон жанровскиот филм. Оваа смела режисерска одлука му дава уникатност на делото и претставува основа на уметничкиот потенцијал на филмот“, пишува во прес-соопштението.
Филмот е така замислен што неговиот протагонист, инаку филмски актер, се движи низ цел Берлин, но во реално време, додека трае премиерата на неговиот нов филм, барајќи го грчевито виновникот, кому сака да му пресуди. Филмот на многу возбудлив начин ни го открива и Берлин, користејќи ги и вметнувајќи ги во него сите особености и многуте необични настани и случувања низ самиот град. А снимен како филм во филм, пак, добива и друга димензија, која му овозможува да си поигрува со надреалното.
Германскиот актер Рихард Самел, кој беше во Битола бидејќи во „Трето полувреме“ го игра Рудолф Шпиц, а една од главните улоги игра и во „Берлин проект“, за снимањето ни рече дека тоа бил многу специјален филм, предизвикувачки, авантуристички, многу близок на театарски проект, бидејќи треба многу да се вежба за да бидете способни да снимате долги сцени. А за понирањето во внатрешниот свет на протагонистите, Самел рече дека камерата станала еден вид трето око на протагонистот и како такво била добар влез во длабоката субјективна визија на неговиот свет.
„Ваков филм не можеше да се сними на друго место, но Берлин е таков град“, објаснува Јазаџиски. „Во него, во еден вагон од метрото има толку фрикови и настани колку што нема во цела Македонија“. Но, интересно е, како што истакнаа и Мариновиќ и Јазаџиски, дека филмот наишол на одличен прием кај Германците.
Филмот е направен во македонско-германска копродукција. На вечерашната премиера се очекува да пристигне режисерот Иво Трајков и главниот актер и продуцент Блерим Дестани, како и косценаристот од Црна Гора, Иван Мариновиќ. А тука секако ќе биде и македонскиот дел од екипата, копродуцентот Роберт Јазаџиски, координаторот на продукција Нина Чамински и актерот Рефет Абази, кој во филмот беше и acting coach. Музиката на овој филм ја потпишува Биргер Клаусен, а свој придонес дадоа и Кирил Џајковски, Тони Китановски и групата „Старовски“. Фотографијата е на неговиот соработник од „Големата вода“, Суки Меденчевиќ, а покрај Дестани и Абази, во филмот играат и познатите германски актери Удо Киер и Рихард Самел.
Од продукцијата на филмот најавуваат дека по учеството на овој фестивал, „Берлин проект“ патува за Полска каде што е селектиран на познатиот Фестивал за филмска камера „Камераимаж“ во програмата „Европска панорама“, во рамките на која годинава ќе бидат прикажани и филмовите на Михаил Ханеке, Кен Лоуч, Паоло и Виторио Тавијани, Томас Винтерберг и други. |