19.11.2012, 20:19 Орав: Немав цел да навредам некого
Европската унија не зазема страна во спорот околу името, ниту предвидува исход од преговорите околу името, истакна еврокомесарот
Евроамбасадорот Аиво Орав денеска изјави дека немал намера да навреди никого со минатонеделниот говор во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, кога го употреби терминот „славомакедонци“ при именувањето на македонскиот народ.
- Во изминатите два дена имаше прашања поврзани со мојата изјава во Европскиот парламент минатата недела. Во ЕП бев на средба на Комитетот за надворешни работи каде се разменија мислења за земјава. Присутни беа членов�� на Парламентот, на кои им се обратив и одговарав на нивни прашања. Мојот говор содржеше три главни пораки: околу перспективите на вашата земја во однос на ЕУ, околу значителниот прогрес кој вашата земја го оствари кон ЕУ во изминатите неколку месеци и трето, за важноста од унапредување на овој прогрес за понатамошно приближување кон ЕУ. Во однос на прашања врзани со меѓуетничките прашања, користев јазик разбирлив за присутните таму. Не беше дадена никаква политичка изјава, ниту имав за цел да навредам некого. Ние во институциите на ЕУ разбираме колку е чуствително ова прашање во земјава, а и јас лично разбирам колку е чувствително, рече Орав во ЕУ Инфо центарот.
Европската унија, истакна Орав, не зазема страна во спорот околу името, ниту предвидува исход од преговорите околу името. - Се надеваме дека ќе видиме заемно прифатливо решение, изјави евроамбасадорот.
Поради именувањето на Македонците како „славомакедонци“ во неговиот говор пред членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Орав денеска беше повикан од претседателот Ѓорге Иванов. Според извори во кабинетот на македонскиот претседател, на средбата Иванов побарал од евроамбасадорот јавно да му се извини на македонскиот народ и да изрази почит кон основниот принцип на самоопределување и самоименување.
Постапката на Орав претходно ја осуди и Владата на Република Македонија.
- Со ваквиот однос не се придонесува кон решение на отвореното прашање кое нашата земја го има со јужниот сосед, и изразуваме силно несогласување, протест и осуда на тоа. Доколку ова е нечија идеја со различно однесување на определени претставници Европската комисија во еден момент да ни се допадне нам користејќи го терминот „македонски”, а во друг момент да им се допадне на нашите соседи користејќи го терминот „славомакедонци”, треба да биде свесен дека со ваков однос никако не придонесува кон решавање на отвореното прашање. Со овој однос, треба да знае дека свесно или несвесно се покажува дека отвореното прашање не е само за името на нашата земја, туку и за идентитетот, со што и самата ЕК ја вовлекува на опасен терен во еден спор чии рамки се дефинирани од страна на ОН, стои во реакцијата од Владата на Република Македонија.
|