19.11.2012, 13:27 Откупот на тутунот може да почне
Од Сојузот на тутунските здруженија денеска соопштија дека очекуваат годинашната реколта да тежи 23.000 до 24.000 тони.
„Условите за старт на откупот се исполнуваат со подигнувањето на мострите. ’Сокотаб‘ од Битола и ’Тутунскиот комбинат‘ најавија дека ги отвораат пунктовите во градот“, изјави вчера претседателот на Сојузот на тутунски здруженија, Данчо Милески.
Според него, интерес за откуп има зашто ориенталниот тутун се бара на пазарот.
„И овој откуп на тутунот е предвремен зашто официјалниот, законскиот почнува од 15 декември. Производителите двапати изминативе месеци имаа можност за откуп. Во септември и октомври се одвиваа двете фази од предвремениот откуп во кутии. Тогаш од планираните 4.450 тони се презедоа само 37 отсто по просечна цена од 157 денари за килограм“, истакна Милески. Според него, овој период на откуп на тутунарите не им одговара зашто се' уште трае интензивната берба.
Пилот-проектот за откуп на тутун во кутии ќе се спроведува наредните две години. Потоа Сојузот ќе бара законски измени и официјален почеток на откупот од 1 ноември до 15 февруари.
На пунктовите и вагите откупот ќе го следат повереници, со лиценца за проценители на тутун. Доколку има незадоволство од процената, во рок од три дена нова процена на квалитетот прави второстепената комисија, која секоја година ја формира Министерството за земјоделство. (Ек.Р.) |