18.11.2012, 15:55 Нов спортски центар на местото на постојниот во Аеродром
Општина Аеродром распиша тендер за изградба на спортски центар „Јане Сандански“ со голема и мала сала, фитнес-простор, хотел со ресторан
На местото на сегашната сала „Јане Сандански“ во Аеродром ќе се издигне истоимен, комплетно нов спортски центар со капацитет за 5.000 гледачи.
Општина Аеродром и Министерството за финансии презентираа проект со чија изградба ќе се добие повеќенаменска сала на која ќе може да се вежба кошарка, ракомет, мал фудбал и одбојка. Новиот проект „Јане Сандански“ предвидува и помошна сала за 1.000 гледачи, фитнес-сали, а опфаќа и изградба на хотел со ресторан за гостинските тимови. Хотелскиот објект ќе биде поврзан со салата и другите содржини - локали, продавници, сала за состаноци, ВИП-зони, блок за медиуми, административен дел, амбуланта за спортисти и гледачи, простории за судии и за натпреварувачи, билетарница, гардероби и тоалети. Треба да ги има сите стандарди на ФИБА и ЕХФ со над 500 паркинг-места.
Сиве овие содржини Општина Аеродром планира да ги гради по пат на јавно-приватно партнерство, за што ќе распише јавен повик.
„Понудувачот што ќе биде избран на тендер ќе треба да го изгради спортскиот центар со сопствени средства, кои според првичните процени би изнесувале околу 10 милиони евра, за што ќе добие концесија за стопанисување со центарот во наредните 35 години. Центарот очекуваме да продуцира интерес од идните инвеститори и во декември доколку постои интерес за јавно- приватно партнерство, да го склучиме договорот“, изјави на денешната презентација на проектот градоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски. Доколку се случи таков договор, постојната сала ќе биде урната, а новиот центар ќе се изгради за 18 месеци. Инвеститорите ќе бидат ослободени од плаќање комуналии за објектот.
„Со изградбата на спортскиот центар нашите спортисти ќе добијат достојни услови за вежбање, а Општина Аеродром и Скопје ќе имаат уште еден репрезентативен спортски објект“, изјави градоначалникот Коневски, дополнувајќи дека предвидената бруто-површина за градење е околу 11.000 квадратни метри, а максималната височина ќе биде 34 метри. Салата, пак, ќе биде висока 21 метар. (Б.Ш.) |