18.11.2012, 13:40 Младо вино се пиеше во Кавадарци
На „Фестивалот на младо вино“ прв пат се отвораат бочвите и се вкусува и се дегустира виното од новата берба
Ангел Данов
КАВАДАРЦИ - Љубителите на врвно вино минатиов викенд имаа уникатна можност да дегустираат и да уживаат во младото вино од последната берба од 2012 година. На овој настан, кој годинава се одржува трет пат во Кавадарци, прв пат се отвораат бочвите и се вкусува и дегустира виното од новата берба. Винарската визба „Тиквеш“ од Кавадарци пред дипломатскиот кор и бизнис- заедницата во земјава ги претстави вината произведени од новата реколта на грозје. Целта е да се оцени потенцијалот на младите вина, но и да се подигне винската култура во Македонија.
Беа претставени и „ѕвездите на годината“ вината од сортите „темјаника“, „вранец“, „шардоне“ и „мерло“.
Од „Тиквеш“ велат дека овие вина ќе отворат врати на нови пазари.
„Градењето на винската култура е предуслов за создавање силни вински брендови и нивно позиционирање на странските и домашниот пазар. Преку ’Фестивалот на младо вино’ се збогатува винската култура и се промовира значењето на процесот на создавање врвен бренд во насока на популаризирање и подигнување на стандардите во македонската винска индустрија“, вели Игор Илиевски, генерален директор на „Тиквеш“.
Тој информира дека во првите девет месеци регистрирале зголемен извоз за 33 отсто, а во освојувањето нови пазари им помагаат високите оценки што ги добиле нивните вина.
Годинава винарската визба „Тиквеш“ откупила 17 милиони килограми винско грозје, по цена од 12 денари по килограм до 20 денари за висококвалитетните сорти. |