19.11.2012, 13:58 Бензините поскапеа за денар, дизелот за 0,5 денари
Регулаторната комисија за енергетика ги зголеми малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,12 отсто
Поскапуваат бензините за еден денар, додека дизелот ќе се продава повеќе за 0,5 денари. Регулаторната комисија за енергетика ги зголеми малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,12 отсто.
Малопродажните цени на еуросупер БС-95 и на еуросупер БС-98 се зголемуваат за 1,5 денари за литар, односно за 1 денар. Тоа значи дека цената на еуросупер БС-95 изнесува 80 денари за литар, а на еуросупер БС-98 - 81,5 денари. Еуродизел (Д-Е В) се продава по 72,5 денари за литар, а екстра- лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) по 61 денар.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС изнесува 42,937 денари за килограм. Регулаторната комисија соопшти дека просечната цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена била пониска за 0,07 отсто, но курсот на денарот во однос на доларот бил за 1,72 отсто повисок од курсот на доларот од пред две недели по кој беа формирани претходните цени на нафтените деривати. (Ек.Р.) |