19.11.2012, 09:13 Хамилтон го освои Тексас
Британецот победи на новата патека во Остин во својот претпоследен настап за Мекларен, а Фетел не успеа во својата 100. трка да ја обезбеди третата титула
Последната рунда од пресметката со Фернандо Алонсо е веќе в недела во Бразил. Ред Бул, сепак, ја прославија титулата кај конструкторите трета година во низа и покрај тоа што Марк Вебер не ја заврши трката.
Хамилтон пред трката вети дека ќе го даде максимумот за победа во САД, и со својот триумф одигра клучна улога во битката за титулата. Стартувајќи од пол-позицијата, Себастијан Фетел лесно остана напред, прво пред колегата од Ред Бул, Марк Вебер, а неколку круга подоцна пред Луис Хамилтон, додека неговиот ривал за титулата Фернандо Алонсо, помогнат од казната за колегата Фелипе Маса, скокна на четвртото место.
Во 18. круг, болидот на Ред Бул повторно покажа големи проблеми со алтернаторот, но за среќа на фановите се работеше за болидот на Вебер, по што Алонсо се крена на третото место и „предвидената“ разлика во генералниот пласман се намали на само 20 поени.
Се' се смени во 42. круг, кога Хамилтон откако неколку круга го следеше Германецот, со помош на заостанатите болиди и силниот ДРС-систем го презеде водството, во исто време доближувајќи се блиску до болидот на Германецот и предизвикувајќи остри коментари од него преку радиото.
Хамилтон се обиде да се одвои и овојпат Фетел го бркаше возачот на Мекларен со помош на ДРС-системот. Фетел не успеа да „врати“ за потегот на Хамилтон, и возачот на Мекларен стигна до својата четврта победа оваа сезона, но и втора во САД, бидејќи Британецот триумфираше и на последната посета на САД, во Индијанаполис пред 5 години.
Фетел го донесе брзиот РБ8 болид на второто место, и ја зголеми предноста пред Алонсо на 13 поени, откако Шпанецот заостануваше над 30 секунди.
Трката беше интересна и за тие надвор од подиумот, со многу битки на широката патека, посебно на стартот. На патеката се нижеа претекнувања по претекнувања, некои дури и без употреба на ДРС, оправдувајќи ги очекувањата на дизајнерот Херман Тилке и на сите во Формула 1 кои сакаат спортот да направи „пробив“ во САД.
Следната (последна) трка на која ќе се реши прашањето на шампионот ќе се вози на 25 ноември на патеката во Интерлагос за Големата награда на Бразил.
Во конкуренција на конструктори, трета сезона по ред титулата ја освојува „Ред Бул“.
Во генералниот пласман редоследот е следен: Фетел 273 бодови, Алонсо 260, Кими Раиконен 206, Хамилтон 190,...
Пласман кај конструктори: Ред Бул 440 бодови, Ферари 367, Мекларен 353,...
|