Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Хроника Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп Саботен магазин
Култура
17.11.2012, 12:21
Сум се родил како артист и таков ќе умрам



Завчера во Скопје на 66-годишна возраст почина Владимир Дади Ангеловски, еден од најпрепознатливите наши актери, особено присутен во комедиите

Тина Иванова

Скопје и Македонија загубија уште еден голем актер, уште еден голем човек, кој до последниот свој здив успеваше да измами насмевки на нашите лица. По кусо боледување, завчера на 66-годишна возраст почина Владимир Дади Ангеловски, еден од најпрепознатливите наши актери особено присутен во жанрот комедија, човекот кој повеќе од четири децении го збогатуваше македонскиот театарски, филмски и телевизиски живот со својата „нетипична глумачка енергија“, или како што еднаш критиката ќе го нарече - „роден актер, но сосема нетипичен глумец“. Ќе го паметат постарите, кои го гледале уште како дете на штиците што значат живот, ќе го памети секако неговата генерација, но ќе го паметат и новите клинци поради силната харизма, поради исклучителниот актерски талент, поради континуираните сестрани ангажмани, поради неговиот неуморен порив да работи, создава и креира се' до крајот на својот живот. Поради моќта да направи да се насмееме и тогаш кога не ни се смее, и во времиња и, уште повеќе, во невремиња, и во среќни и во тажни мигови. Имаше препознатлив лик, но и карактеристичен, впечатлив глас кој не можеше, а да не остане во сеќавањето. И самиот велеше дека е несуден оперски пејач, но ќе додаде дека глумата, сепак, повеќе ја сакал.

Минатата година Дади Ангеловски замина официјално во пензија, но, како што и самиот рече во една пригода, тој административно-социјален статус не е причина да го смени неговото себечувство како артист. „Сум се родил како артист и таков ќе умрам“, рече Дади во минатогодишното интервју во „Утрински весник“.

Како актер во Драмскиот театар, каде што беше ангажиран целиот работен стаж, зад себе остави импозантна бројка на одиграни претстави, или приближно 5.000-6.000, како и 500 улоги. Но, Дади ќе го паметиме и по извонредната детска трилогија „Чук, чук Стојанче“, „Баш челик“ и „Шекспир во приказни“, која постигна огромен успех не само во земјава, туку и на сцените низ Југославија, а незаборавни се и ликовите Диди и Дади, кои ги играат Дади и неговиот брат, познатиот актер и режисер Коле Ангеловски во ТВ-серијата „Да видам, да видам што да бидам“. Потоа, не треба да се заборават двата филма во режија на Димитрие Османли, психолошкиот „Мементо“ и особено црната комедија „Викенд на мртовци“, секако, „Солунски патрдии“ во режија на Коле Ангеловски, „Калигула“ во режија на Миле Гроздановски, значајните улоги и во сериите „Агенција осамени срца“, „Училиште за кловнови“, „Трст виа Скопје“, „Битолски лакрдии“ и многу, многу други, серијалот Македонски народни приказни и особено радиотелевизиската програма „Хихирику“ кога заедно со своите колеги Димче Мешковски, Катерина Коцевска, Благоја Чоревски и Гоце Тодоровски во 2004 година, го прославија јубилејот - 25 години од нејзиното постоење. И како што и самиот ќе каже, можеби не синхронизираше турски серии, но го изгради „македонскиот идентитет“ на цртаните ликови Тошо Мачорот, Душко Долгоушко, Штрумфовите... А, како што самиот ќе каже, негова, но и гордост.

Театарот, велеше Дади, му бил достапен уште од неговата најмала возраст, дури на две или три години, каде што се чувствувал најолабавено. Од татко му Боро, кој бил поп, или според зборовите на Дади најдобриот тенор кој го имала Македонската православна црква, ќе го наследи талентот за пеење (се паметат улогите на Дади и во две опери на тогашен МНТ - „Шеќерна приказна“ и „Деспина и мистер Докс“ на Димитрие Бужаровски). Заради него посетувал часови по музичко и завршил нижо пијано кај прочуениот Ладислав Палфи. Од мајка му Костадинка, пак, која како учителка во „Кирил и Методиј“ држела драмски секции, ќе ги научи првите чекори на актерството, а потоа неговата тетка Тодорка Кондова-Зафировска, актерка и режисер, ќе го однесе во Радио-драмата каде што, всушност, се неговите први актерски почетоци. Прв пат на сцената ќе стапне во 1962 година, кога ќе го игра Оливер Твист, претстава во режија на Димитрие Османли, во тогашниот Младинско-детски театар, денес Драмски театар. И тука се раѓа неговата голема љубов кон театарот. Како гимназијалец во „Цветан Димов“ одел на голем број натпреварувања низ Југославија што, всушност, биле и неговите први естрадни почетоци. По гимназијата се подготвувал да оди на Академија во Белград, но не се случило тоа. Имено, на Драмски театар во тоа време му биле потребни актери, па така Дади бил ангажиран во претставата „Принцот и просјакот“ и истата 1966 година станува и негов член.

Владимир Дади Ангеловски, иако играше улоги од различни жанровски определби, за јавноста отсекогаш ќе остане цар на комедијата. Според него, ќе каже, токму комедијата е исклучително тешка и отсекогаш ја почитувал. „Но, критиката, а и публиката кај нас никогаш не успеала да го сфати и прифати тој аспект на комедијата, па веројатно и затоа некако ме заобиколуваа наградите“, ќе каже Дади. Се' до „Дунек“, за кој ќе ја добие Климентовата награда и наградата „Ристо Шишков“, а многу порано „13 Ноември“ за трилогијата „Златни години“. „Последните улоги во ’Мефисто‘, ’Ветрот низ тополите‘ и ’Мала тезга за стари кловнови‘ се од оние кога се смееш, а имаш мачнина во желудникот“, ќе изјави Дади.

Неговиот ангажман и во водите на естрадата е огромен, иако во времето на неговото преминување кон оваа сцена „достапна“ за пошироката публика за некои од колегите ќе биде грешен чекор. Но, Дади на тоа ќе одговори: „Кога почнував на естрадата и самиот реагирав во стилот: ’Јас ли да играм во кафеана?‘ Но, кога влегов во тие води, станав цар. За тоа е потребно големо мајсторство, да го одржиш вниманието и концентрацијата на луѓе кои имаат поинаква претстава за забава и култура од тетарската публика. Во театар вниманието се добива ’на готово‘, а во кафеана, на плоштад или кој било друг простор, треба да се заслужи вниманието... Не се чувствувам виновен за мојата естрадна кариера“. Интересен е и фактот дека тој е единствениот актер кој девет години настапуваше на манифестацијата „Глумците пеат“, за што ќе каже дека правеле извонредни мјузикли.

Комеморацијата по повод смртта на Владимир Ангеловски Дади ќе се одржи денеска во 10,30 часот во Драмски театар во Скопје. Посмртните останки ќе бидат изложени од 12 часот во капелата на Градските гробишта во Бутел.

Статијата е прочитана 2427 пати.

Испрати коментар



Стари мапи на Македонија презентирани во Битола
Збогум, маестро Дади



kumanovac, 18.11.2012 10:09:37
Почивај во мир и нека ти е вечна слва легендо.Ова е огромна загуба за Македонија и македонската култура.

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

  
Што прават
 


Site Meter


Време
Скопје, 10°C

Ситен дожд

Вторник
Обилни врнежи
Макс: 12°C, Мин: 6°C

Среда
Обилни врнежи
Макс: 14°C, Мин: 3°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
Фељтон
Јованка Броз – Титова Совладетелка (6)
Голооточки и дедињски молчаливци.„Утрински весник“ специјално за своите читатели во целост ги објавува сите 50 продолженија на фељтонот „Јованка Броз-Титова совладетелка“
Настани
Водич за заштита на децата од сајбер-насилници
Се' повеќе тинејџери се жртви на педофили кои демнат на „Фејсбук“. Два случаи беа пријавени во „Меѓаши“, но бројката е д...
Светот го чекаат екстремни горештини, глад и изумирање на видовите
Ако не се преземат итни мерки против глобалното затоплување, до крајот на векот светот ќе биде потопол за 4 целзиус...

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп | Саботен магазин |