15.11.2012, 16:30 Исклучените од „Топлификација“ одбиваат да платат
Граѓаните кои се откажаа од парното греење се крстат во одлуката на Уставниот суд
Сања Наумовска
„Топлификација“ нека праќа сметки, ама пари од нас нема да види. Тоа е најчестиот коментар на граѓаните кои деновиве добија сметки за октомври, иако се исклучени од системот за затоплување. Решението на своите проблеми го гледаат во одлуката на Уставниот суд, кој треба да расправа за новиот Правилник за топлинска енергија донесен летово од Регулаторната комисија за енергетика. Граѓаните кои одлучиле веќе да не ги користат услугите на „Топлификација“ и избрале нов начин на затоплување на своите домови веруваат дека правилникот ќе биде укинат и дека нема да имаат дополнителен трошок за услуга која не ја добиваат.
Од Уставниот суд, пак, нема најава кога ќе се најде пред судиите Правилникот за топлинска енергија. Дневниот ред за следната седница на 20 ноември е веќе утврден и „Топлификација“ не е меѓу точките. Во Судот не можат да информираат кога ќе се разгледува ова прашање бидејќи дневниот ред се утврдува една недела пред одржувањето на седниците.
Иако Правилникот предизвика многу негодување кај јавноста тоа не ја поколеба „Топлификација“ да ги шокира граѓаните со новите сметки.
Компанијата, коментираат скопјани, не се придржува ниту до методологијата за пресметка на цената што треба да ја плаќаат исклучените корисници, па деновиве им испорача сосема поинакви и се разбира, повисоки сметки, од оние кои ги очекуваа.
Според некои од нив, крајно е симптоматичен начинот на пресметка на сумата која треба да ја плаќаат. Жител на општина Кисела Вода, кој има стан од 78 квадратни метри, вели дека му стигнала сметка од 430 денари. Истата сума треба да ја плати и сопственик на стан во Аеродром со површина од 69 квадратни метри. И на двете сметки пишува дека се работи за авансно плаќање за период од 15 до 26 октомври, односно за 11 дена. И двајцата се револтирани поради фактот што во половина од тие 11 дена „Топлификација“ воопшто и не испорачуваше топлинска енергија, а грејната сезона почна со задоцнување од 8 дена.
„Ако според Правилникот ние треба да плаќаме сметка во висина од 10 денари за квадратен метар, тогаш за мојот стан сметката треба да изнесува 690 денари. Бидејќи грејната сезона почнува во октомври, логично е сметката да е половина од овој износ односно, 350 денари. Но, ’Топлификација’ ме изненади со сума од 430 денари, без никакво образложение по каква методологија е пресметана“, вели жител на населбата Јане Сандански, во општина Аеродром.
Истата сума треба да ја плати и сопственик на стан во Кисела Вода, кој годинава, незадоволен од услугите на компанијата, се исклучил од системот за затоплување. Ова му е прва сметка од „Топлификација“, која вели нема намера да ја плаќа.
„Ќе чекам додека не одлучи Уставниот суд. Какво и да биде решението, сакам да почекам. Ако треба, тогаш ќе ги платам сите сметки заедно, ама предвреме не плаќам ниту денар на ’Топлификација’ за нешто што не го користам“, вели тој.
Во компанијата „Снабдување-Исток“, пак, се повикуваат на новиот Правилник за снабдување со топлинска енергија и објаснуваат дека формулацијата 10 денари за квадрат е произволно и народско толкување на новиот вид пресметка. Во компанијата велат дека исклучените потрошувачи учествуваат во распределбата на фиксниот надомест, кој се формира од ангажираната моќност и тарифниот став и тоа само во текот на грејната сезона, односно од октомври до април. Според таа методологија, пресметувањето 10 денари за секој квадрат, според нив, е премногу паушално.
„Фиксниот надомест за топлинска енергија се распределува во однос на вкупната грејна површина на објектот. Учеството на еден стан во распределбата на овој надомест за определена зграда зависи од процентуалното учество на грејната површина на тој стан во однос на вкупната површина на објектот“, велат во Снабдување-Исток.
На пример за еден стан со површина од 55 квадратни метри, кој се наоѓа во зграда од околу 3.000 квадрати, месечно ќе треба да плаќа околу 600 денари надомест, иако е надвор од системот за затоплување. Единствено сметките за октомври и април ќе се ��азликуваат и ќе бидат двојно пониски, околу 300 денари, бидејќи грејната сезона трае само половина месец.
|