08.11.2012, 09:51 Индексите паднаа, а нафтата поевтини по реизборот на Обама
„Форбс“ го означи реизборот на Обама како пораз за Волстрит, бидејќи финансиерите му дале моќна поддршка на кандидатот на републиканците Мит Ромни
Водечките индекси на Волстрит забележаа пад на вредноста, а нафтата поевтини вчера, еден ден по реизборот на американскиот претседател Барак Обама.
И покрај тоа што победата на Обама им стави крај на стравувањата на инвеститорите од сценариото, според кое изборите нема да дадат јасен победник, Њујоршката берза стана сведок во срдата на најголемата распродажба на акции од почетокот на годината.
Ситуацијата беше аналогна и по избирањето на деморкатот за претседател пред четири години, кога трговијата на Волстрит беше одбележана од намалување на индексити и распродажба на акциите во екот на светската економска криза. Инвеститорите сега своето внимание го насочуваат кон т.н. „фискална скала“ и кон должничката криза во еврозоната.
Трите водечки индекси на Волстрит загубија вчера над два проценти од својата вредност. Индустрискиот Дау Џоунс се намали за 2,36 отсто, широконаменскиот Стандард енд Пурс 500 за 2,37 проценти, а индексот на високотехнолошката групација Насдак за 2,48 отсто.
Доларот поскапе во однос на еврото, но поевтини во однос на јапонскиот јен, кој се смета за сигурно засолниште на инвеститорите.
Цената на нафтата забележа пад. Американската лесна сурова нафта за терминална испорака за декември поевтини за 4,8 отсто на 84,44 долари за барел, што е најниска цена од 10 јули.
Американското списание „Форбс“ во меѓувреме го означи реизборот на Обама како пораз за Волстрит. Познатото економско списание нагласи дека финансиерите му дале моќна поддршка на кандидатот на републиканците Мит Ромни. - Десетици милиони долари, доставени во неговиот предизборен фонд, отидоа во неповрат, пишува „Форбс“. |