07.11.2012, 16:23 Една компанија подигнала документација за ОХИС
Само една компанија засега покажала интерес за купување на загубарот ОХИС. Денеска истече рокот за подигнување на тендерската документација за продажба на хемискиот гигант, за кој неофицијално се дознава дека интерес пројавил само еден турско-бугарски конзорциум. Заинтересираните компании можат да го направат доставувањето на понудите до 14 ноември кога е закажано и отворањето на понудите во Министерството за економија. Неофицијално странската компанија која пред неколку дена подигнала документација за тендерот за ОХИС веќе учествувала на некои од претходните тендери, кои завршија неуспешно.
��словите на оваа деветта по ред продажба на гигантот, на вработените и на синдикатот не им се познати. Тие не веруваат дека овој тендер ќе успее, поради слабиот интерес, но и веројатноста единствената компанија која побарала тендерска документација воопшто и да не достави понуда до министерството.
Со продажбата на загубарот ОХИС, Владата настојува да го реши проблемот на повеќе од 800 вработени, кои повеќе месеци се без плата и придонеси. Досега пропаднаа осум обиди за продажба на загубарот. Како најголеми причини за неуспехот на тендерите се сметаат обврските купувачот да ги задржи сите вработени и производството, а според последните најави од него ќе се бара да ги исплати и последните 15 плати на вработените.
Цената на ОХИС и овојпат е 14.000 евра. Компанијата, во меѓувреме додека го чека сојот купувач, во првите 9 месеци од годината направи загуба од 2,5 милиони евра или 1,2 милиони евра повеќе од лани во споредба со истиот период.
Според Благоја Неделковски од синдикатот на ОХИС, подобро е компанијата да се продаде отколку да оди под стечај. Тој нуди и решение за големиот број вработени.
„ОХИС има висока старосна граница и државата треба да ни дозволи пензионирање по стариот закон со пет години пред навршување на старосната пензија. Такви случаи во моментот има 220, кои можат веднаш да заминат“, рече Неделковски. (Ек.Р.)
|