09.11.2012, 18:25 Мислења
Логиката на Црвенковски
Ѓорѓи Спасов
Иако македонското етничко единство изгледа застрашувачко и личи како „крајот на идеологиите“,основната амбиција на опозицијата е да ги направи патриотските прашања беспредметни за дебата во изборната кампања
Црвенковски изгледа долго проучувал зошто Груевски победува на изборите. По таквото проучување дошoл, веројатно, до заклучокот дека предноста што Груевски ја остваруваше до сега во изборната трка произлегува од неколку фактори. Првиот е дека мнозинството Македонци нема да гласаат за партија која остава простор за промена на името. Второто е дека не треба да му се остави простор на Груевски за манипулација во поглед на тоа кој ги штити подобро интересите на Македонците во однос на барањата на Албанците. И трето, дека СДСМ не треба да губи изборна поддршка ниту кај прашањата од областа на културниот конзервативизам, како што се сексуалната различност, па и улогата на црквата.
Чувството дека со манипулации на јавноста во однос на овие прашања Груевски веќе подолго време победува, а не со неговите економски и општествени реформи, веројатно кај Црвенковски и најтесното раководство ја зацврстило определбата да му се земат од рака клучните адути.
Затоа во однос на прашањето за името, СДСМ уште пред изборите во 2011 година излезе со определбата дека и тој не прифаќа промена на име која би го загрозила македонскиот национален идентитет и дека за кое било решение, кое ќе го договори која било влада со Грција, ќе мора народот да решава на референдум. Потоа, почна да ја повторува тезата дека Никола Груевски уште во Букурешт се согласил за промена на името „Република Македонија - Скопје“, што е потврдено и во писмото на Антонио Милошоски до Бан Ки-мун, а деновиве СДСМ прв излезе со барање да биде отфрлен меморандумот на Грција, кој ако биде прифатен, ќе значел однапред прифаќање капитулација по најпатриотското прашање.
Во однос на правата на Албанците, СДСМ систематски во Собранието го напаѓаше Груевски дека се пазари со Ахмети, односно прави трговија со македонските национални интереси. Го обвини Груевски дека не е вистински македонски патриот, бидејќи уште во 2008 година не го прифатил Законот за бранителите, а им дал амнестија на членовите на раководството на ОНА обвинети за злосторства против човештвото. Изјавува дека не верува во национализмот ниту на Груевски ниту на Ахмети и дека тие се договорени за слободно користење на националистичката реторика во своите кампуси за изборни цели. Оттука, СДСМ се обидува да докаже дека може да биде поголем „лажен“ националист од Груевски. Затоа, тој е упорен во поддршката на Законот за бранителите и определбата да не се прифатат какви било измени со кои би им се дале слични права на другите учесници во конфликтот, не гласа за споменикот на Хасан Приштина и тврди дека главниот проблем на Груевски и Ахмети е што тие како националисти нe ги договориле црвените линии кога ја составувале владата и тогаш заборавиле на обврските кон бранителите и кон борците на ОНА. Се' на се', национализмот на СДСМ е само обид да се оневозможи Груевски во изборната кампања да се прикажува како поголем Македонец од другите Mакедонци во опозицијата.
И во однос на третото прашање СДСМ и' угодува на конзервативната свест и оценува дека во време кога во нашево конзервативно општество мнозинството е против правата врз основа на сексуалната различност, тој не треба непосредно пред избори да ризикува со својот либерализам и да изгуби определен број гласови.
СДСМ решил веќе да не губи избори од Груевски чија политика се одржува на паролите: „Името не го даваме!“, „На Албанците не им попуштаме!“, „Грција е виновна за се'!“, а „Ние од ВМРО ги почитуваме Црквата и божјите закони!“,
Одговорот на опозицијата, засилена со Љупчо Георгиевски, е: „И ние ништо не даваме и ние ги почитуваме божјите закони“. Иако вака постигнатото македонско етничко единство изгледа застрашувачко и личи како „крајот на идеологиите“, се чини дека основната амбиција на опозицијата е да ги направи горенаведените горливи прашања беспредметни за дебата во изборната кампања.
СДСМ, изгледа, само го подготвува теренот да ги стави во центарот на вниманието на јавноста другите прашања од важност за развојот на Македонија. Веројатно СДСМ ќе сака да се говори за разликата во одговорноста при трошењето на буџетските пари. Колку пари се потрошени за споменици, барок и разубавување на градовите во услови на голема економска криза? Колку државата се задолжува и со пари од кредити ги обезбедува пензиите? Ќе докажува дека СДСМ градел автопати и енергетски објекти, а Груевски само патчиња, тротоари, гаражи и тениски терени.
Во врска со трошењето на буџетските пари ќе сака да говори за корупцијата, за наместени тендери и нелогични цени.
Ќе говори за партизирањето на сите национални институции, од полицијата до судството, и претворањето на политичкиот систем во еднопартиски „режим“.
Ќе говори за слободата на медиумите која исчезнала по укинувањето на телевизијата А1, за политичките затвореници, за загрозените човекови права и слободи и притисоците врз Уставниот суд, Советот за радиодифузија и партизираните регулаторни тела.
И најмногу ќе говори веројатно за сиромаштијата, невработеноста, социјалните разлики, високите сметки, отсуството на грижа на власта за најсиромашните, ранливите и најзагрозените социјални групи и етнички заедници.
СДСМ, веројатно, ќе се обиде да ја убедува јавноста дека и без Црвенковски и Георгиевски кои не биле заинтересирани за каква било функција во идната власт, има тим којшто овие прашања подобро ќе ги менаџира од сегашната власт и дека само промената на власта може да доведе до подобрување.
Дали тоа ќе му успее ќе се види на следните локални и парламентарни избори за кои е се' поизвесно дека ќе бидат истовремено, но не по желба на СДСМ, туку врз основа на политичка процена на ВМРО ДПМНЕ. Но, проблемот е што до следните избори има уште многу време. Пред тоа ќе биде декемврискиот Самит на ЕУ, на кој ќе се разгледува извештајот за напредокот на Македонија, во кој е констатирано дека треба да се реши статусот на учесниците и жртвите од конфликтот во 2001 година од двете страни. Пред изборите ќе биде и раната фаза од преговорите за членство во ЕУ, во која ќе треба да се најде решение за спорот со Грција. И пред тоа веројатно политичките партии на Албанците и нивните лидери, дури и ако не го запалат Собранието, ќе побараат нов договор за заедничките основи на живеењето во Македонија во согласност со нивната црвена линија. Сето тоа може да ја измести целосно сегашната математика и на Груевски и на Црвенковски. Тие сепак ќе треба да понудат решенија за горливите проблеми поразлични од паролите: Името не го даваме, на Албанците не им попуштаме и Грција е виновна за се'. Со Божја помош или без неа ќе мора да ги решаваат проблемите и тука мачоизмот или политичката итрина нема да им биде од голема полза. Тоа особено нема многу да и' помогне на опозицијата од која се очекува да понуди политичка алтернатива за земјата во однос на политиката на ВМРО-ДПМНЕ.
(Авторот е универзитетски професор)
Наш став
Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата на „Утрински весник“ да биде влијателен глас на заедницата. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Утрински“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација. |
|
Статијата е прочитана 4755 пати.
|
Испрати коментар
|
|
Коста Стоименовски, 10.11.2012 00:46:06 | Актуелниот режим има разработено мошне добро фундирана платформа за владеење која базира на мешавина од искуствата за владеење од Микијавели, Сталин („важно е кој ги брои гласовите“), Гебелс („100 пати повторена лага“), Черчил („за да ги демантира ианесените податоци за сјајните состојби во државата на опозицијата ќе и тебат 5 години“),па се до Милошевиќ (сатанизирање на опозицијата и рушење на политичките противници со тн. Јогурт-револуции) и најпознатите диктатори (С. Хусеин, Чаушеску, Гадафи итн.) кои владееја на тој начин што на најважните институции во државата поставуваа луѓе од своите семејства. |
| ФЕЛИКС, 10.11.2012 07:58:55 | Почитуваниот професор фактографски ги наброја,,новите ,, однесувања на Шатевската опозиција но намерно изостави да сите наброености се всушност бледа копија на однесувањето на владеачката партија.Поимот ,,бледа копија,, произлегува да секогаш имитатот е многууууу подоле од оригиналот.А што е уште поважно одкажувањето од социјалдемократското лево однесување,и преоѓање во фаза на десен конзервативизам е всушност секаде во светот ,,политичко самоубиство,,Со тоа се признава да препознатливата партиска определба доживеала пораз и во недостакот на сила за внатрешно партиско преструктуирање и пласирање решенија и идеи,останува партиското идеолошко обезличување.Ем изместена партиска идеологија,им стерилност во пласирање на нешто ново,ем евидентен лидерски баласт и сето зачинето со некаков а всушност никаков бојкот.Кој од Собранието можеби ќе се пренесе на изборниот терен.А затоа вакви врдулами постојано изборно се казнуваат. |
| novak, 10.11.2012 08:29:30 | Tezata ima zdrava osnova no vo nea ne najdov nisto novo. Vakvata megjupartiska komunnikacija mu e poznata i na najmaliot glasac. Deka ima noviteti vo strategiite i na dvete strani toa e vpecatlivo pa kako rezultat na toa sekojdnevno se zgolemuva brojot na glasaci koi znaat da detektiraat manipulacija ili ideja. Sekako toa ke dovede do promena na rasporedot na silite no ne dovolno za da dojde do presvrt na pozciite zatoa sto ima i drugi orudija koi nudat pogolema garancija za zadrzuvanje na pozicijata se razbira ako se uptrebat strogo precizno. Se nadevam deka kolumnistot kako dopolnenie na ovaa kolumna ke gi navede i tie orudija kako na primer: se pomaloto ucestvo na profesori vo redovite na opozicijata, raspolozlivite sredstva za odrzuvanje na postojana brojka od glasaci, hierarhijata odnosno komandnata postavenost vo partiskite redovi i mn. drugi |
| Milan, 10.11.2012 10:16:24 | Dobra analiza no za takvi odgovori pri realnite baranja(Grcija,Bugarija,albancite)odgovorite tesko ke se najdat. |
| Жт вк, 10.11.2012 12:45:11 | ХА-ХА-ХА-А-А. Само продолжете да му верувате на најголемиот лажго меѓу политичарите во Македонија, дека Груевски победувал без остварување на ветеното и никогаш нема да дојдете на власт. Што ли уште не измисли за да се оправда за 6-те досегашни порази, а деновиве слушаме оригинални оправдувања и за идниот пораз, само тој да се спаси. Продолжете да му верувате, добро е тоа за Македонија, затоа вас што за ништо не ве бива. Тоа го научија граѓаните и тоа ви го кажуваат на секоја анкета, а вие продолжете да му верувате на вашиот вечен лажго. |
| vlade, 10.11.2012 13:26:52 | eh... toa e problemot..., nema koj da im kaze vo oci na opozicijata deka ne gi biva. Vakvite analizi voopsto ne im pomagaat na opozicijata |
| do Gjorgji, 11.11.2012 07:17:38 | Ti sakas Makedonija na site da im popusta.Sekoj sto ke pobara nesto od Makedonija kako juzniot sosed,malcinstvoto...,spored tebe treba da im gi ispolnime nivnite baranja iako i ti si svesen deka tie nivni baranja se so namera da se obezlici Makedonija i da se narusi unitarniot karakter na Makedonija.Za tebe e zastarsuvacko edinstvoto na makedonskite partii za nekoi bitni nesta,no za tebe ne e zastrasuvacko baranjeto na juzniot sosed da smenime ime i ne e za tebe zastarsuvacko edinstvoto na DUI i DPA za nekoi nesta.Dali ti ja sakas Makedonija?Ne se dobiva vpecatok deka ja sakas ako ti smetaat opravdanite odbivanja na tie baranja.Zosto ne pobaras juzniot sosed da ja smeni negovata parola i da go smeni negovoto odnesuvanje kon nas?Pobaraj DUI i DPA da prestanat da vodat sovinisticka i antimakedonska politika. |
| Ema, 11.11.2012 08:59:10 | Se složuvam so tezata, samo neznam dali dovolno ,,agresivno nastapuva koalicijata od opozicijata za da može da im gi otvori očite na zaspanite i ,,izmienite umovi kaj pogolemiot procent od naselenieto...mora apsolutno da bide po agresivna kampanjata i ,,reklamata podkrepena so fizički argumenti za da nekoj go razbudiš i da počne da go gleda ona što mu e očigledno pod nos..za tao za žal se potrebni sredstva..ćitaj pari i mašinerija za vršenje propaganda koja o momentov realno rečeno opozicijata ja nema..nema mediumi ili potočno rečeno mnogu se vo mal broj koi bi prenesuvale realna slika na ona što navistina se pravi..palkata za dirigiranje kaj niv e za žal kaj onoj koj kolektivno im gi pere mozocite..narode Makednoski razbudi se i progledni i na vistinata vo oci..i za kraj..Vistinata ima edna usta, a za žal ustat ima povekje vistini! |
| ИЗБОРИ: ПОБЕДА или ГРАБЕЖ, 11.11.2012 23:01:43 | Зошто Груевски победува на изборите?Во колумната го нема правилниот одговор,а најмалку „победата“ е резултат на наведените четири фактори на колумнистот.На изборите што ги организира и спроведува ДПМНЕ се се случува само НЕ ИЗБОР,односно доверба од граѓаните.Напротив,произлегува од добро изграден препознатлив „систем“.Гласачкото ливче всушност е изнуден начин да се:зачува работно место;добие работно место со список на нови 15-20 избирачи;добие позиција,функција;за стекнување на секакви привилегии;спасување од притисоци,манипулации, уцени и закани.Тоа е лелкот на гладниот и разочаран граѓанин.Што повеќе глад,страв,разочараност толку поуспешно функционира системот.Значи „победникот“ не е избран од слободни ами од граѓани ЗАВИСНИЦИ.Но тоа е широка тема...Денес бројот на жители во Македонија заради намалениот наталитет и масовните иселувања е сведен на 1500000,што е помалку од бројот на избирачи во избирачкиот список!Апсурдот е што победникот е избран и од покојни и од иселени. |
|
|
|
|
|
„УТРИНСКИ ВЕСНИК“ ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE
|
|
|
|
Време
|
Скопје, 11°C
Облачно
|
Среда
Грмотевици со дожд
Макс: 13°C, Мин: 4°C
|
Четврток
Локални грмотевици
Макс: 14°C, Мин: 2°C
|
|
|
|
|
|