14.11.2012, 15:24 Брајант разочаран од Џексон, верува во Дантони
Најдобриот играч на Лејкерси жали што тренерот со кој ги постигна најголемите успеси не се врати во тимот
Откако претседателот на „езерџиите“ потврди дека Дантони ќе биде новиот стратег, а не Фил Џексон, кој наводно ги одбил, во јавноста се огласија најтрофејниот НБА-тренер и првата ѕвезда на тимот од Лос Анџелес, Коби Брајант. Џексон не го криеше своето разочарување од управата на Лејкерси, која практично го изиграла.
„Откако одлучија да го отпуштат Мајк Браун, добив повик од претседателот на Лејкерс, Џим Бас, кој заедно со генералниот менаџер Мич Купчак дојдоа во ��ојот дом. Разговаравме за моето враќање на клупата на Лос Анџелес, но ништо не се договориме, а не беа споменати ниту финансиите. Единствено што ми рекоа дека до понеделник ќе ја чекаат мојата одлука. Но во неделата вечерта ми јави Купчак и ме извести дека Дантони ќе биде новиот тренер. Иако ја почитувам нивната одлука, сепак мора да признам дека сум малку разочаран“, открива Фил Џексон за кого повеќето навивачи на „езерџиите“ имаа мислење дека тој е главниот виновник што не го презема кормилото на Лејкерси.
Вака размислува и Коби Брајант, кој е разочаран од Џексон, но истовремено се радува што ќе тренираат под палките на напаѓачкиот тренерски гениј.
„Пред да се дознае за промените разговарав со Џим Бас за неколку тренерски варијанти. Тогаш му реков дека мој фаворит е Дантони, но воопшто не знаев дека во игра е и Џексон. Откако дознав за него бев разочаран што не се врати во тимот, но искрено не сакав да ја дознаам причината бидејќи за мене тоа е губење време. Што се однесува до Дантони, тој е напаѓачки генијалец, за што ќе ви потврди секоја играч што имал можност да работи со него. Доста добро го познавам, знам какви се неговите ставови. Исто така е многу темпераментен, што искрено ми се допаѓа“, вели првата ѕвезда на Лејкерси од кои најмалку се очекуваше дека сезонава ќе ја почнат катастрофално лошо.
|