15.11.2012, 12:14 Промоција на „Драми“ од Катерина Момева
Книгата ќе ја промовираат, режисерката Драгана Милошевски - Попова и Емилија Матаничкова, литературна и театарска критичарка
Во Салонот 19,19 во Културно информативниот центар, вечерва во 19.19 часот ќе биде промовирана книгата „Драми“ од младата драмска писателка Катерина Момева, штоја издаде Друштвото за продукција и издаваштво „Маска“ од Скопје, специјализирана издавачка куќа за изданија од областа на театарот и драмата. Книгата ќе ја промовираат, режисерката Драгана Милошевски - Попова и Емилија Матаничкова, литературна и театарска критичарка. Извадоци од драмите ќе ин��ерпретираат студенти од Факултетот за драмска уметност.
Катерина Момева (1984) е драмска писателка од најмладата генерација македонски драматичарки, образувана на ФДУ во Скопје. Досега три нејзини дела се изведени на професионалните сцени во Македонија („Телеграма“ - Народен театар Штип; „Хераклеа и Линкиниј“ и „Калеш Анѓа дефинитивно“ - Народен театар Битола)
Момева се смета за авторка што се наметнува со висок естетизиран драмски пристап во разрешувањето на крупни социјални, семејни и таканаречени женски теми, што е европски тренд во модерната и во постмодерната драматургија на дваесет и првиот век. (К.Б.) |