12.11.2012, 18:01 Циклус на Карлос Саура во Кинотека
Од денеска до 15 ноември, како и од 27 до 30 ноември, односно во два наврати во Кинотека на Македонија ќе се одржи циклус посветен на големиот шпански режисер Карлос Саура, авторот на „Танго“, „Гоја во Бордо“, „Ел дорадо“. Тој важи за едно од најеминентните имиња на шпанската кинематографија, оригинален, смел, провокативен, автор кој има зад себе неверојатно интересен опус што е значаен многу пошироко, и во светски рамки.
Овој режисер, кој годинава го слави својот 80. роденден, во текот на петдецениската работа има остварено повеќе од 40 филмски дела, со леснотија, како што вели директорката на Кинотека Мими Ѓорѓоска- Илиевска, пр��минувајќи од повеќеслојни драми, преку комедии, до историски драми и серија восхитувачки филмови за танцот и музиката. Саура има освоено над педесетина награди и уште толкав број номинации. Тој се смета за филмски пионер во шпанската историја и кинематографија, кој стекна култен и авангарден статус во шпанската култура во 1960-тите и 1970-тите години. „Реалноста, метафората и ониризмот се можеби трите основни столба врз кои е изградена неговата кинематографија“, вели Естер Мартин Падрон од амбасадата на Шпанија, со чија соработка Кинотеката и го подготви овој циклус од седум филма, во чии рамки ќе ги видиме филмовите: „Гоја во Бордо“, посветен на уметноста на големиот шпански сликар Франциско Гоја, потоа филмот за тангото насловен едноставно „Танго“, па документарниот „Фадос“ за португалското фадо. Од 27 ноември, пак, ќе ги видиме драмите: „Мама полни сто години“, „Елиза, љубов моја“ и „Роднината Анхелика“, како и комедијата „Оф, Кармела!“. Сите проекции ќе се одржуваат од 20 часот. (С.У.)
|