12.11.2012, 16:02 Елпида Хаџи Василева ќе не' претставува на 55. Венециско биенале
На Биеналето идната година, уметницата, која живее и работи во Велика Британија, ќе ја претставува Македонија со проектот „Кожата е идентитет и површина за проекција, репрезентација на душата“
Катерина Богоева
„Кожата е идентитет и површина за проекција, репрезентација на душата“ проект на ликовната уметница Елпида Хаџи-Василева, која живее и работи во Брајтон, Велика Британија, ќе ја претставува Македонија на 55. Венециско биенале. Куратор на проектот е Ана Франговска од Националната галерија на Македонија, која е �� носител на проектот. „Енциклопедиска палата“ е темата од кураторот Масимилијано Џони на која Биеналето ќе биде одржано од 1 јуни до 24 ноември 2013 година, тема што реферира на сите универзални хуманистички знаења на светот концентрирани во еден имагинарен музеј - палата во светот.
Годинава за учество на престижната меѓународна манифестација во Венеција до Министерството за култура биле поднесени вкупно шест проекти, а проектот на Хаџи Василева е едногласно избран од жири-комисијата, составена од историчарите на уметноста Владимир Величковски и Конча Пирковска и ликовниот уметник Жарко Башески. Биле предложени и проектите: „Граница“ на авторот Зоран Поповски, куратор Нада Пешева; „Транзициски сеќавања“ (ревијална изложба), куратор Златко Теодосиевски, носител Национална галерија на Македонија; „Однасловени приказни“, автор Велимир Жерновски, куратор Мира Гаќина, носител Музејот на современата уметност; „Кој е публика“, авторка Тања Балаќ, куратор Александар Вебер, носител на проектот Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп и проектот „Александар и Александар“ на авторката Нада Прља, која наедно е и подносителка на својот проект.
„Понудениот проект на Хаџи Василева, кој се базира на континуитетот на нејзината досегашна творечка преокупација, во конкретниот случај коинцидира со основната концепција на темата на кураторот на Биеналето. Станува збор за јасно и професионално дефиниран и концепциски заокружен проект, во кој, пред се', се користени органски материјали од животинско потекло. Нејзината инсталација се карактеризира со разновидна текстура и специфична структурална содржина, која и' припаѓа на денес актуелната биоуметност. На непосредно посреден начин преку користењето на јагнешката мрежа, Хаџи Василева ги вклучува видливо невидливите живи организми, што го прави овој проект посебно значаен и компатибилен со духот на времето. Интердисциплинарниот пристап на авторката, испреплетените знаења од различните области (уметноста, науката и техничко-технолошката традиција), директно кореспондираат не само со најактуелните тенденции во уметноста, туку и со веќе посочената генерална тема на Биеналето“, стои во образложението на жири -комисијата за изборот на проектот „Кожата е идентитет и површина за проекција, репрезентација на душата“. Посочено е и дека обликуваните елементи од животинско потекло, преку комбинацијата на уметничките и биотехнолошките процеси во кои се бришат разликите меѓу природното и артифициелното, органското и неорганското ја создаваат целата монументална мрежа на инсталацијата на Елпида Хаџи Василева, која ќе ја преставува Македонија. Објаснувајќи го проектот, кураторката Ана Франгоска потенцираше дека уметницата Елпида Хаџи Василева, во проектот- инсталација, видеопрезентација, реферира на болеста чума и нејзиното ширење по должина на познатиот „Пат на свилата“. На подот од просторот каде што ќе биде поставена инсталацијата, преку видеопроекција ќе бидат прикажани мапи на ширење на чумата во Европа во 14 век, а на тој пат ќе бидат поставувани и структурални објекти изработени од кожи во змијовидни облици. Актуелноста на таквите патишта преку ова дело уметницата ги поврзува со ширењето на светската економија, транспортните патишта по кои се шират и болестите на денешното време. Кураторката потенцираше дека Хаџи Василева ја користи кожата од животни во изработка на своите дела како метафора за кршливоста на телото. Изработката на делото допрва претстои, а на Министерството за култура ќе му претстои решавањето на проблемот со простор каде што ќе биде поставено делото. Се' уште Македонија нема свој павилјон во Венеција, а решавањето на тој проблем е содржан и во предлогот на новата национална стратегија за култура. Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, која денеска присуствуваше прес-конференцијата, очекува и овој проблем да биде решен со купување простор во Венеција доколку Националната стратегија помине во Собранието. Таа нагласи дека веќе е во тек процес на барање простор.
Елпида Хаџи Василева е родена во Кавадарци во 1971 година, а средно училиште за дизајн завршила во Нови Сад. Дипломирала во Глазгов на познатата Глазговска школа за уметност, како дипломец по ликовна уметност, со специјалност во скулптурата. Во 1998 година се стекнала со титула на магистер по скулптура на Кралскиот уметнички колеџ во Лондон. Оттогаш таа активно живее и твори во Брајтон , Велика Британија. Учествувала на голем број меѓународни изло��би, наградена е со повеќе награди и признанија, а нејзините впечатливи дела во неколку наврати имаше можност да ги види и македонската публика. |