13.11.2012, 15:44 На главната вечер на „Таксират“ - Кирил Џајковски
На годинешниот фестивал ќе настапи и еден од најзначајните артисти на балканската електронска сцена, ама ќе го видиме и бендот „Ван Гог“
На главното финале на „Таксират“ пред домашната публика Кирил Џајковски прв пат концертно ќе го претстави својот најнов музички материјал. Имено, Џајковски ја продолжи својата мисија работејќи и на реализацијата на музиката за актуелните македонски филмови „Трето полувреме“ и „Балканот не е мртов“. Во меѓувреме имавме можност да ја проследиме и промоцијата на новиот видеоспот, снимен за песната „Лион’с Ден“ .
Кон листата изведувачи на „Таксират“ годинава се приклучува и „Ван Гог“, составот кој задолжително добро ја размрдува публиката.
„Таксират“ се одржува 14. пат и низ годините прераснува во собирен центар на десет илјади посетители. Да потсетиме - официјален старт е со првата меѓународна музичка конференција „ПИН“, која ќе се одржи од 23 до 25 ноември, во „Дом на АРМ“, клуб „Хавана“, клуб „Колосеум“, кината „Вардар 1 и 2“, кои првпат ќе бидат отворени по цели 15 години. На 27 ноември, скопјани ги очекува првиот промо-концерт од оф-програмата на „Таксират“, а тоа е арт-перформансот на францускиот музички феномен „Нувел Ваг“, кој ќе се одржи во клуб „Колосеум“. Во рамките на „Таксират“ годинава нашата најактивна банда-инструментале „Суперхикс“ ќе го прослави своето полнолетство, со Големиот позитивен концерт во „Метрополис арена“ на 1 декември.
Финалето на „Таксират 14“ е закажано на 8 декември на традиционалната локација „Метрополис арена“ во Скопје. |