13.11.2012, 12:15 Архивот Бужаровски во дигитална форма
Во моментов архивот содржи 1.5 терабајти дигитализирани артефакти од целокупниот досегашен опус на композиторот Димитрије Бужаровски
Целокупниот досегашен опус на композиторот Димитрије Бужаровски е дигитализиран во архивот Бужаровски (BuzAr – Buzarovski Archive), чија цел е да го собира и дигитализира културното наследство и потоа да го афирмира преку мрежните медиуми за културни, образовни и научни потреби.
Во моментов архивот содржи 1.5 терабајти дигитализирани артефакти, во кои покрај опусот на Бужаровски се и осум дигитализирани фолклорни колекции, 110 снимки од концерти, деветте хроники на ИРАМ (Институт за истражување и архивирање музика / Institute for Research and Archiving of Music) со над 170 кратки документарни филмови, дваесет поголеми документарни видеа, над 250 текстови од ИРАМ-овите конференции, книги, рецензии и скенирани текстови од плакати, програми и новинарски написи.
Покрај дигитализираните артефакти: партитури, видео, аудио, фотографии, книги, текстови и друг материјал, архивот е придружен со бази на податоци за негово брзо и лесно пребарување, а целокупната дигитализација е изведена според стандардите на ЈАСА (Меѓународната асоцијација на звучни архиви).
Веб-страницата на архивот е http://mmc.edu.mk/BuzAr.htm . БузАр симболично е формиран со снимката од ретроспективниот концерт на Димитрије Бужаровски одржан на 15 октомври оваа година, која во целост е поставена на веб-страницата. |