05.11.2012, 15:32 Киселичка и Коловски настапија на њујоршката сцена
Танчарката Матеја Киселичка и музичарот на хармоника, Александар Коловски, настапиле на 2 ноември во Македонскиот културен центар во Њујорк
Матеја Киселичка, танчарка на Танцов театар - Скопје и демонстратор на Танцова академија - Скопје во класата на Рисима Рисимкин, од 19 октомври до 7 ноември престојува во Њујорк, САД, каде што учествувала на концертот на музичарот Александар Коловски, кој на хармоника извел дела од популарни вариете композиции под наслов „Вечер на популарната музика“.
Концертот се одржал на 2 ноември во Македонскиот културен центар во Њујорк. Киселичка се претставила како кореограф и танчар на една од композициите, кореографија која таа специјално ја подготвила за овој настап, а аранжманот го направил Александар Коловски, позајмен од тема на песна од познатиот хрватски пејач Оливер Драгоевиќ („Магдалена“). Воедно, Киселичка посетувала часови во неколку танцови компании во Њујорк, а присуствувала и на настава во познатата Џулијард школа.
Коловски е познат по своите темпераментно виртуозни настапи и импресивна техника. Во 2011 година тој победи на четири престижни светски натпревари, лауреат во различни категории, а од 2003 година е добитник на повеќе од 15 меѓународни натпревари и е редовен студент во класата на светски познатиот професор Фредерик Дешамп од Франција.
Настапот на овие двајца млади уметници, по Њујорк ќе може да го види и скопската публика, на сцената „Зебра“, матичната сцена на Танцов театар - Скопје. (К.Р.) |