06.11.2012, 15:16 „Металците“ победуваат кога ги отпишуваат
Македонскиот шампион славеше среде Љубљана со 64:60 против Унион Олимпија
МЗТ Скопје на најубав можен начин стави крај на црната серија од четири порази по ред во АБА-лигата. Кога најмалку се надевавме, Алеш Пипан и неговите избраници успеаја со цел плен да се вратат од гостувањето кај фаворизираниот состав на Унион Олимпија, кој го поразија со 64:60.
„Металците“ можеби го одиграа најдобриот натпревар досега, а наградата веднаш стигна, празната сала „Стожице“ ја напуштија со подигнати глави и ги потсетија останатите противници, но и целата македонската јавност дека не треба да ги потценуваат.
И за стратегот Пипан дебитанската победа дојде во вистинско време, но и заслужено бидејќи бевме сведоци на еден поинаков МЗТ Скопје. Навремени измени, трпелив напад, одлична одбрана, доминација во скокови (11 повеќе од противникот), пожртвуваност...беше дел од играта на македонскиот шампион.
Победата беше апсолутно заслужена зашто „штрковите“ уште на самиот старт имаат водството. Во првата четвртина почнаа скромно, тивко го полнеа противничкиот кош.
Поради четири порази во серија и крајно слабата игра, ни почетните 14:7, а потоа и двоцифрените 30:19 во 16. минута, не ни влеваа надеж дека треба да се надеваме на три бода токму против словенскиот тим, кој се натпреварува и во Евролигата.
Стратегијата на Словенецот Алеш Пипан беше поуспешна од онаа на својот колега Сашо Филиповски, кој има македонски корени. Шанса добија скоро сите кошаркари на МЗТ Скопје, на теренот во вистинско време се најдоа Огнен Стојановски, Кејд Дејвис и Дамјан Стојановски, Тодор Гечевски. Тие беа творци на големата победа. Доста интересно е што МЗТ Скопје играше одлично кога во игра не беа Игор Мијајловиќ и Борис Бакиќ, кои повторно не придонесоа ништо за тимот.
Но, МЗТ Скопје исто како и против Цибона, по одлично одиграни три четвртини падна во последниот период. Во овој дел нашиот претставник преживеа вистински кошмар. Поради сомнителни одлуки на судиската тројка стандардните играчи поради петта лична грешка почнаа еден по еден да ја напуштаат играта. Прв излезе Гечевски, кој дури и заработи и техничка грешка, а по него „металците“ останаа без помошта на Дамјан Стојановски и Борис Бакиќ. Сето ова максимално го искористи домашниот состав на 180 секунди до крајот успеа да израмни на 57:57, но во вистинско време се разигра Дејвис, со пет поени во серија зголеми на 57:62, а по тројката на Словенците за 60:62 и нереализираниот напад на Мијајловиќ и промашувањето на Прелевиќ, точка на натпреварот стави Кирил Николовски. Репрезентативниот центар ги погоди двете слободни фрлања и ги постави конечните 64:60.
„Презадоволен сум од победата, свесни сме колку е тешко да се одигра против тим како што е Унион Олимпија. Мора да бидеме реални, Олимпија не одигра најдобро, а ние бевме малку подобри од мечот со Црвена звезда. Домаќините имаа доста проблеми, но факт е дека малку не потценија. Имавме водство во текот на целиот натпревар, на крајот заслужено победивме“, изјави по мечот Алеш Пипан.
Најефикасен кај МЗТ Скопје беше Тодор Гечевски со 15 поени и Дејвис со 11 поени.
„Ова е прв натпревар во кој ја имавме фаворитската улога, а воопшто не знаевме да се носиме со неа. Никогаш претходно нашите центри не одиграле толку лошо, имавме само четири скока во напад. Иако сме млад тим, мора да одиграме многу похрабро доколку сакаме да победиме. Дури и да имаме лоша шутерска вечер, мора мечот да го добиеме со борбеност и желба за победа. Ние тоа го немавме на овој натпревар, затоа мора да им ја честитаме заслужената победа на МЗТ“, вели Словенецот со македонско потекло, Сашо Филиповски.
Следен противник на МЗТ Скопје е Владо Илиевски и неговата Цедевита, мечот е закажан за в недела од 20,30 часот.
„Не' чека доста напорна недела за да станеме вистинска екипа. Сакаме да го избегнеме последното место, затоа мора да победуваме и на домашен терен, а притоа секој триумф на гости е исклучително важен. Наредното коло го пречекуваме тимот на Цедевита, кој иако е фаворит, ние ќе одиме на победа“, смета Словенецот.
И дефинитивно, македонскиот шампион ќе треба максимално да се подготви зашто Цедевита е првиот тим што сезонава успеа да го порази составот на Игокеа со 78:76. Македонскиот интернационалец средбата ја заврши со шест поени и еден скок за 16 минути во игра.
По седмото коло Партизан е новиот лидер на табелата пред Игокеа, а додека МЗТ Скопје се наоѓа на 12. место на табелата со десет бода исто колку што имаат Црвена звезда, Будуќност, Раднички, Олимпија, Широки, Крка и Сплит. (М.К.)
Унион Олимпија - МЗТ Скопје 60:64
По четвртини: (14:19,12:18,17:13,17:14)
Арена „Стожице“ во Љубљана. Гледачи: 1.500. Судии: Војиновиќ, Анзуловиќ, Јурас.
Унион Олимпија: Вотерс 6, Рупник, Препелиќ 12, Блажиќ 5, Ранико 3, Салин 7, Муриќ, Бејнс 3, Бубниќ 1, Пејџ 17, Мочник, Омиќ 6.
МЗТ Скопје: О. Стојановски 7, Мијаиловиќ 2, Поповски-Турњанин, Д. Стојановски 7, Гечевски 15, Николовски 7, Чековски 9, Николиќ 2, Марковски, Бакиќ 4, Дејвис 11, Далман.
Резултати од седмото коло: Унион Олимпија - МЗТ Скопје 60:64, Цедевита - Игокеа 78:76, Сплит - Парт��зан 72:79, Будуќност - Цибона 60:64, Црвена звезда - Шолнок 103:74, Широки - Задар 80:71, Раднички - Крка 84:71.
Табела
1. Партизан 7 6 1 548:490 13 2. Игокеа 7 6 1 535:496 13 3. Цедевита 7 5 2 523:512 12 4. Цибона 7 4 1 513:497 11 5. Ц. звезда 7 3 4 568:539 10 6. Будуќност 7 3 4 479:465 10 7. Раднички 7 3 4 550:544 10 8. У. Олимпија 7 3 4 520:517 10 9. Широки 7 3 4 502:506 10 10. Крка 7 3 4 468:487 10 11. Сплит 7 3 4 510:532 10 12. МЗТ Скопје 7 3 4 475:503 10 13. Задар 7 2 5 535:555 9 14. Шолнок 7 2 5 503:586 9
Идно коло (10/11 ноември): Крка - Сплит, Цибона - Раднички, Задар - Игокеа, У.Олимпија - Шолнок, Широки - Будуќност, МЗТ Скопје - Цедевита, Партизан - Ц. звезда.
|