08.11.2012, 12:30 Ѓоковиќ го „скрши" Мареј
Победата не значеше полуфинале во Лондон за Ѓоковиќ, зашто Бердих го совлада Цонга и ги задржа шансите за меѓусебниот дуел со Србинот
Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј уште еднаш чепнаа по нервите на тениските зависници во светот и ги препотија челата на 17.000 навивачи во О2 арената. Луѓето кои се извори на убавината на врвниот машки тенис приредија нова адреналинска претстава со завршница која ги разочара домаќините. Ѓоковиќ го победи Мареј откако мораше да прави пресврт и да ги освои вистинските поени во вистинско време. Мареј поведе со 6:4 во првиот сет, но агресивноста на Шкотланѓанецот спласна во продолжението и Ѓоковиќ со само еден брејк го освои вториот период, со 6:3. Како зрееше мечот растеше нервозата на Мареј и кога Ноле го скрши неговиот сервис, на стартот на решавачкиот сет, изгледаше дека олимпискиот шампион "пукна". Арно ама Мареј е најопасен кога е гневен - го врати брејкот, а со него и рамноправните шанси за триумф. Сепак, најдобриот тенисер за 2012 ја потврди својата големина кога искористи брејк шанса на 5:5, а потоа во идентична ситуација спаси две брејк можности на противникот за да ја завери втората победа во Лондон.
"Уште еден извонреден меч. Уште еднаш одлична игра и од двајцата. Не ни очекував помалку од еден тврд меч кој 'ќе се движи по работ' и ќе биде решен во последен момент", изјави Ѓоковиќ, кој сега води со 10:7 во меѓусебните дуели со Мареј. "Ние имаме големо ривалство, кое, се надевам, уште ќе го развиеме во иднина", додаде Ѓоковиќ издвојувајќи го она што на многумина им паѓа во очи кога ќе прегледаат годинава што привршува. Важно е да се нагласи дека победата не значи автоматски полуфинале за Ѓоковиќ затоа што Бердих го победи Цонга (7:5/3:6/6:1) и ги задржа своите шанси за пласман во најдобрата четворка. Чехот со победа од 2:0 против Србинот, во последното коло, ќе излезе пред него на табелата. Од аспект на Ѓоковиќ, тој треба да освои само еден сет против Бердих за да биде полуфиналист.
Енди Мареј, пак, ќе бара победа во два сета против отпишаниот Цонга. Тој тагуваше по загубеното во мечот со Ѓоковиќ, повторувајќи ги носталгично клучните моменти.
"Последните две минути, веројатно, беа тие што го решија мечот. Тој имаше 40-15 и направи брејк. Во следниот гејм јас имав 15-40 и не ги искористив за брејк. Тоа беше решавачкиот момент", изјави Британецот.
БАРКЛЕЈС АТП ВОЛРД ТУР ФАЈНАЛ $5.500.000, 3. ДЕН
ГРУПА А
(1) Ѓоковиќ (Срб) - (3) Мареј (ВБр) 4:6/6:3/7:5
(5) Бердих (Чеш) - (7) Цонга (Фра) 7:5/3:6/6:1
ДЕНЕСКА, ГРУПА Б
(2) Федерер (Шва) - (4) Ферер (Шпа)
(6) Дел Потро (Арг) - (8) Типсаревиќ (Срб)
„О2 арена" домаќин до 2015
Лондон и О2 арената ќе бидат домаќини на АТП Тур финалето до 2015 година. Кога Лондон ја презеде организацијата во 2009, соработката беше заверена со договор кој трае до 2013, што значи челниците на АТП и Лондонци вчера се спогодиле за дополнителни две години. "Среќни сме да соопштиме дека ја продолжуваме нашата верност на Лондон за уште две години, што значи финалето на АТП сезоната ќе се игра, најмалку, во следните три години, с$ до 2015. Горди сме на овој настан", изјави извршниот претседател на светската асоцијација на тенисери, Бред Друет. Лондон е 14. град домаќин на АТП финалето кое почна во 1970. во Токио. Во овие три години О2 арената, која има капацитет од 17.000 седишта, собра вкупно 750.000 тениски фанатици, а веќе наредната година ќе ја мине бројката од еден миллион.
|