08.11.2012, 12:42 Славеникот Селтик ја урна Барселона!
Со триумфот од 2:1, шкотскиот тим на најубав начин ја прослави 125-годишнината од своето постоење
Мечот за кој никој и не сметаше дека може да донесе изненадување, заврши со голема победа за Селтик, а најголемата роденденска честитка за тимот од Шкотска дојде од Каталонците против кои секој сака да забележи победа. Барселона загуби во Глазгов со 2:1, па на тој начин 125-годишнината од постоењето Селтик успеа да ја прослави со големо шоу.
Голманот Форстер уште еднаш беше на високо ниво, а на тој начин се дојде до победа. Селтик водеше со 1:0 уште од 21. минута кога Ваниама донесе изненадувачко водство за домашните. Сепак, како што продолжуваше мечот стануваше јасно дека Селтик е решен роденденот да го прослави со победа.
„Ова ни се случи и на Камп Ноу. Фудбалерите на Селтик играа дефанзивно, чекаа брзи контранапади“, е краткиот коментар на Меси по средбата.
Барса немаше реализација во нападот, а тоа овозможи домашните да казнат уште еднаш и да дојдат и до 2:0 во финишот преку Ват. На крајот Меси се погрижи и Барса да постигне гол, па поразот беше ублажен.
Израмнетиот дуел меѓу Челзи и Шахтјор заврши со победа на домашните и тоа со погодок кој падна дури во четвртата минута од продолжението по одлично нафрлената топка која дојде до Моузес, кој беше највисок во скокот.
„Не гледам зошто да ги обвинувам играчите, напротив морам да им честитам за играта на стартот. Мислам дека заслуживме да победиме, тоа се обидувавме да го сториме до крајот на мечот. Им овозможивме два корнери, а примивме гол од еден од нив. Мораме да им честитаме на Селтик за овој добар натпревар, победата и одличните навивачи. Атмосферата на стадионот беше спектакуларна. Секако честитки и за 125-годишниот јубилеј им посакуваме многу среќа“, вели тренерот на Барселона, Тито Виланова.
Средбата имаше одличен почеток, а играта најавуваше максимално многу возбудувања бидејќи гостите редовно имаа противодговор за нападите на домаќинот.
„Ова беше една од најгордите вечери во мојата кариера. Моите играчи вложија многу напор и ги победија најдобрите фудбалери во светот. За нив ова беше најтешкиот испит, кој го положија со највисоки оценки. Успеавме да ја зачуваме дисциплината, сега имаме добри шанси за да ја поминеме оваа фаза“, со големо задоволство стратегот на Селтик Нели Ленон го коментира големиот триумф над Барселона.
Дека фудбалерите на Челзи се решени да дојдат до победа на овој меч се виде уште на стартот кога се тргна во иницијатива. Се одеше со сите сили кон погодок, но Торес не успеа да се снајде во првата шанса за гол. Само неколку секунди подоцна успеа да стигне до можност за да ја поправи грешката. Гостите погрешија во додавањата, а притоа вратија топка до голманот кој доцнеше со интервенција, па при шутот беше блокиран од Торес, а топката заврши во голот.
Само неколку минути беа доволни за Шахтјор да врати, а голот дојде по прошетката на Фернандињо низ одбраната на Челзи. Одличниот дриблинг му остави простор на Вилиан на кого не му беше воопшто тешко да бие прецизно по средината на голот на актуелниот шампион на Европа.
До крајот на првиот дел имаше добра игра и на двете страни, а благодарение на Оскар кој дојде до четвртиот гол сезонава се стигна до предност од 2:1 по првото полувреме.
Само што почна вториот дел гостите тргнаа во налет, а две минути му беа доволни на Вилиан да израмни и да ја врати неизвесноста на средбата.
До крајот на дуелот неизвесноста беше присутна, а победникот беше решен пред последниот свиреж на судијата кога Моузес скокна највисоко и донесе триумф од 3:2 и три многу значајни бодови.
„За тајмингот на постигнување на победничкиот гол може да се сложиме дека голема работа заврши среќата. Практично голот беше постигнат преку последниот удар на натпреварот. Мислам дека ја заслуживме победата, направивме многу. Го притиснавме нашиот противник особено во првото полувреме во кое постигнавме два гола. Бодовите од последните два натпревари ни се неопходни, особено триумф на последниот меч. Мислам дека клучна ќе биде пресметката помеѓу Шахтор и Јувентус“, изјави Ди Матео.
Тренерот на гостите Мирчеа Луческу призна дека поразот во последните секунди остави горчлив вкус, но и потенцираше дека третиот гол се случил во време кога продолжението било веќе истечено: „Ова е многу болно. Нашиот голман направи неколку неверојатни грешки, но и целиот тим киксираше кога го прими третиот гол. Челзи има високи фудбалери, затоа не смеевме да им дозволиме да изведат корнер. Грешка направи и судијата, кој досуди три минути продолжение, а не три минути и 30 секунди. Не смееше да има корнер, мечот требаше да заврши порано“, рече Луческу.
Баерн Минхен беше максимално расположен за игра, а кој е кој на дуелот против Лил се виде по само дваесетина минути игра. Головите паѓаа во серија, а ветеранот Пизаро беше најрасположен во таа игра и беше безмилосен кон голот на тимот од Франција. Самиот факт што на одмор се замина со 5:0 доволно покажува како стоеја работите на теренот при што се' беше во корист на составот од Германија.
Гостите во вториот дел успеаја да постигнат почесен гол, но тоа не им овозможи и да го ублажат поразот бидејќи домашните беа едноставно безмислосни.
Слична беше ситуацијата и во Торино каде што Јувентус одигра меч на високо ниво. Уште во првиот дел поведе со 3:0, а потоа без поголеми проблеми само се чуваше високото водство кое беше доволно и за поубедлив триумф.
Галатасарај и Бенфика дојдоа до заслужен триумф во 4. коло откако одиграа одлични натпревари против своите ривали Клуж, односно Спартак Москва. Галата водеше уште од првото полувреме, но во почетокот на вториот дел Клуж израмни. Ова како да беше само мотив плус за гостите кои со уште два гола ја запечатија судбината на романскиот состав.
Бенфика, пак, во првиот дел не успеа да постигне гол, но затоа во продолжението од мечот ги донесе работите на свое место. Кардозо доминираше во нападот, а откако постигна два гола не реализираше пенал за хет-трик.
ШАХТАР ПОДОБАР, ЧЕЛЗИ ПОБЕДИ
Група Е: Јувентус - Нордслијанд 4:0, Челзи - Шахтар 3:2. Табела: Челзи 7, Шахтор 7, Јувентус 6, Нордсјеланд 1.
Група Ф: Валенсија - БАТЕ Борисов 4:2, Баерн Минхен Лил 6:1. Табела: Валенсија 9, Баерн Минхен 9, Бате Борисов 6, Лил 0.
Група Г: Бенфика - Спартак М 2:0, Селтик - Барселона 2:1. Табела: Барселона 9, Селтик 7, Бенфика 4, Спартак М. 3.
Група Х: Клуж - Галатасарај 1:3, Брага - Манчестер јунјатед 1:3. Табела: Манчестер Ј. 12, Клуж 4, Галатасарај 4, Брага 3.
Род Стјуарт плачеше од среќа по победата на Селтик
Музичарот Род Стјуарт буквално плачеше од среќа откако неговиот омелен клуб Селтик синоќа ја победи моќната Барселона во Лигата на шампиони. Стјуарт беше пресреќан после последниот свиреж на судијата синоќа во Глазгов и неможеше да ги сокрие солзите.
|