10.11.2012, 18:45 Во Велес отворена 8. Сликарско-копаничарска колонија „Папрадишки мајстори‘‘
Изложени се триесетина ликовни дела од кои најголем дел слики масло на платно и резби, како и неколку вајарски дела
Во рамките на програмата за одбележување на Денот на општина Велес - 9 Ноември, синоќа во велешкиот Ликовен салон е отворена изложбата на дела создадени на 8. Сликарско –копаничарска колонија „Папрадишки мајстори‘‘ 2012.
Изложени се триесетина ликовни дела од кои најголем дел слики масло на платно и резби, како и неколку вајарски дела.
- Изложбата е успешна и таа стана препознатлив дел на Велес, потенцираа раководителите на изложбата Ангел Коруновски и Љубомир Бисинов. Колонијата веќе трета година се одржува во Велес, а првите пет години се одржуваше во селото Папрадиште во чест на бројните зографи, сликари и градители од ова планинско село под Солунска Глава, од кои најпознатиот е градителот на цркви Андреја Дамјанов.
Годинава, како и во претходните две, од 26 август до 5 септември ликовната колонија „Папрадишки мајстори‘‘ 2012 се одржа во Куќите на уметноста-куќата на семејството Касапови и на Јордан Хаџи Константинов - Џинот во стариот дел на Велес, изработени во прекрасна стара велешка архитектура и целосно обновени пред неколку години.
На колонијата учествуваа 14 сликари,12 резбари и копаничари и двајца вајари од Македонија, Русија, Србија, Бугарија и Црна Гора.
|