13.11.2012, 15:38 Новак инспириран од битката на татко му со болеста
Срѓан Ѓоковиќ има сериозни респираторни проблеми, па Новак со часови е на телефон за да биде во тек со лечењето
Новак Ѓоковиќ изјави дека битката на неговиот татко со сериозната болест го инспирирала да го победи Роже Федерер во возбудливата кулминација на „АТП ворлд тур фајналс“. Срѓан Ѓоковиќ не беше на своето место покрај теренот како во нормални околности, а во негово отсуство син му Новак го совлада Федерер со 7-6, 7-5 во арената „О2“ и ја зацементира својата прва позиција на АТП-листата. Победникот не пропушти да го спомене својот родител по тешко извојуваната победа над вториот светски рекет, кој го освои турнирот во Лондон во претходните две години.
„Ова беше многу долга година, всушност, многу долги две години, но многу успешни две години“, изјави петкратниот гренслем-шампион, кој втора сезона едноподруго завршува на чело на ранкингот на АТП, и тоа со рекордни за него 75 победи во една година. „Навистина не знаев како ќе продолжам по извонредната 2011, но верував дека морам да го искористам времето кога го играм најдобриот тенис во мојот живот. Ова беше фантастична година, во која морав да се соочам и со многу тешкотии надвор од теренот. Посебно во пресрет на турниров, борбата на татко ми за сопственото здравје ми даде дополнителна сила, каква што посакував за да одиграм како што треба и за него. Тоа е една од причините поради кои навистина дадов се' од себе на секој меч, посебно вечерва. Оваа титула е за него“.
Таткото на Ѓоковиќ има сериозни респираторни проблеми и Ѓоковиќ помина со часови на телефон во последните осум дена, за да биде во тек со лечењето. Тоа го прави уште поимпресивен неговиот марш до титулата без пораз, вклучувајќи ја и победата над освојувачот на Ју-Ес опен, Енди Мари.
„Во суштина, чувствувам уште поголемо задоволство во моментов во споредба со минатата година, иако 2011 беше неверојатна за мене“, додаде 25-годишникот, кој лани освои три од четирите гренслем-турнири и ја почна сезоната со серија од 43 победи. „Имајќи ги предвид околностите со кои морав да се соочам на теренот и надвор од него, како и очекувањата и сите овие работи, мислам дека годинава беше дури и поуспешна за мене“.
Ѓоковиќ се врати по 0-3 во гемови во првиот сет и по 3-5 во вториот пред да ја освои својата прва титула на завршниот турнир во сезоната по таа во Шангај 2008, а со неа и џекпотот од 1,76 милиони долари за тоа што остана непоразен.
„Играв навистина извонреден тенис цела недела“, се осврна тој на својот настап во Лондон, каде што н��когаш досега немаше стигнато до финалето. „Во првиот меч се чувствував малку несмасно на теренот, но го победи Мари. Тоа ми даде голема самодоверба. Во секој меч потоа се чувствував како да играм многу близу до својот максимум. Вечерва, кога и да беше потребно да се упатат добри удари, да се фокусирам и да ја вратам секоја топка во теренот, го правев тоа. Не можам да бидам повоодушевен“.
|