13.11.2012, 15:41 Хандановиќ: Штета што не игра Пандев
Голманот на Интер и неговите соиграчи во Скопје по рехабилитација за лошиот скор во квалификациите за СП
„Резултатот е повеќе од важен за нас. Има само еден начин да се подобри атмосферата во репрезентацијата и надвор од неа, а тоа е победа во Скопје“, вели капитенот на фудбалската репрезентација на Словенија, Самир Хандановиќ. Голманот на Интер не влегува во детални анализи за противникот, а отсуството на Горан Пандев го коментира на ироничен начин: „Штета што нема да игра! Не го познавам добро противникот, а верувам дека и тие нас не не' познаваат добро. Единствената информација што ја им��м е дека поголем дел од фудбалерите играат во странски екипи“.
Хандановиќ, но и сите останати соиграчи вечерва на арената „Филип Втори“ ќе играат под голем притисок. По трите порази на „змајчеки“ во квалификациите за Светското првенство 2014 во Бразил тие се на удар на домашната фудбалска јавност и само победа може да им ги врати самодовербата и поддршката.
„Верувам дека загубеното може да се надополни. Првата шанса за ова ја имаме вечерва. Пријателскиот натпревар доаѓа во вистинско време и ќе може да видиме кој од играчите во иднина ќе можат да го носат националниот дрес“, додава Хандановиќ.
Селекторот Славиша Стојановиќ од своите фудбалери очекува да ја повторат препознатливата игра за нив.
„Создавање позитивна атмосфера по негативните резултати е една од најважните работи за нас во моментов. Најдобрите резултати ги постигнувавме благодарение на нашата квалитетна игра, која отсекогаш се темелела на добра физичка подготвеност, издржливост, конзистентност, агресија и дисциплина. Ова ќе биде нашата почетна точка за подобра иднина“, вели Стојановиќ, кој е свесен дека во Скопје, и покрај големата желба за победа, нема да биде лесно, особено по последниот триумф на Македонија над Србија.
„Нема да дозволиме да влеземе во серија негативни резултати. Македонија има млад тим, а на овој меч ќе биде без помошта на неколку клучни играчи, но тоа не значи дека останатите не се добри. Станува збор за доста мотивиран тим, кој на домашен терен ја совлада Србија и ги врати шансите во квалификациите за СП. Репрезентацијата на Македонија секогаш игра со исти амбиции, без разлика дали станува збор за пријателски натпревар“. (М.К.)
|