13.11.2012, 13:39 Леброн го извади Мајами во Хјустон
„Кралот“ во второто полувреме постигна 32 од вкупно 38 поени во мечот што гостите го добија со 113:110
Зад Леброн Џејмс е уште една голема вечер. „Кралот“ во свој препознатлив стил на Мајами му донесе важен триумф на гостувањето кај Хјустон (113:110). Минатогодишниот најкорисен играч (МВП) во НБА лигата водството на Рокетси од 110:106 на минута ипол до крајот прво го „стопи“, а потоа го претвори во шеста победа по ред во пресметките со Хјустон.
Првата ѕвезда на „жешките“ во второто полувреме постигна 32 поени од вкупните 38. На 19 секунди до крајот неговото положување беше клучно за предноста на својот т��м.
„И претходно сме биле во ваква ситуација. Не е ништо што не сме го виделе порано, само се обидувавме да го запреме нивниот налет“, изјави по мечот Леброн Џејмс.
На својот извонреден ефект Леброн додаде десет скока и шест асистенции, а традиционално голема помош имаше од Крис Бош (24 поени, десет скока) и Двен Вејд (19 поени и седум асистенции). На другата страна Чендлер Парсонс ги запиша рекордните 26 поени во својата кариера.
Во Канада се одигра вистински кошаркарски маратон. Победникот помеѓу Торонто и Јута Џез се решаваше дури по три продолженија, а на крајот триумфираше тимот од САД (140:113).
Најзаслужен за победата на „џезерите“ беше Ал Џеферсон, на две секунди до истекот на регуларниот дел погоди тројка за продолжение. За центарот на гостинскиот тим ова беше втора тројка во неговата деветгодишна НБА кариера. Џеферсон средбата ја заврши со 24 поени и 17 скока и заедно со Пол Милсап (34 поени) беа најефикасни во победничкиот табор.
Чикаго Булс на домашен терен загуби од Бостон со 101:95. И покрај тоа што Ражон Рондо имаше пет загубени и исто толку украдени топки сепак со неговите 20 поени и десет асистенции беа пресудни за триумфот на Селтикси.
„Напаѓачки одигравме многу добро. Ако не ги земеме во предвид моите загубени топки, мислам дека во нападот игравме едноставно без многу компликации“, вели по мечот Рондо за кого стратегот Док Риверс рече: „Рајон одигра одличен натпревар. Полека почна да се навикнува на новите соиграчи, веќе знае знае кои акции може да ги одигра со нив“.
Детроит и понатаму е без победа сезонава. Оклахома е тимот што им го нанесе седмиот пораз во серија откако со минимални 92:90 славеше на гости кај Пистонси. Победата на гостинскиот тим од линијата за слободни фрлања ја потврдија Расел Вестбрук и Кевин Дурент.
Вестбрук својот 24 роденден го прослави со 33 поени и десет скока. Добро го пратеше Дурет кој реализираше 26 поени и девет украдени топки.
„Најзаслужен за победата е тренерот. Знаеше како да ги постави работите на теренот, ги постави најдобрите одбранбени играчи. Токму поради ова доаѓавме до лесни поени“, коментира по мечот Дурент.
Резултати: Торонто - Јута Џез 113:140 (прод.), Филаделфија - Милвоки 96:105, Детроит - Оклахома 90:92, Чикаго - Бостон 95:101, Хјустон - Мајами 110:113, Далас - Минесота 82:90, Феникс - Денвер 110:100, Портланд - Атланта 87:95.
|