13.11.2012, 16:08 Јаневски: Резултатот со Словенија не е неважен
Селекторот за денешниот пријателски натпревар во Скопје, во кој Македонија ќе игра без осуммина стандардни репрезентативци, а капитенската лента ќе ја има Грнчаров
Дефанзивецот на бугарскиот прволигаш Ботев, Бобан Грнчаров, во отсуство на неколку стандардни македонски репрезентативци ќе ја преземе капитенската лента во денешниот пријателски натпревар со Словенија од 18 часот на Националната арена „Филип Втори Македонски“. Како што најави селекторот Чедомир Јаневски, дуелот ќе биде, пред се', тест за новоповиканите репрезентативци, но, и според Грнчаров, тоа н�� ја намалува амбицијата да се извлече победа против квалитетниот состав на Словенците.
„Словенија е силен противник, кој располага со квалитетни индивидуалци. Со самиот факт што станува збор за учесник на светските и на европските шампионати, јасно е каков состав ни гостува. Тоа ќе биде квалитетен тест за нас, но, и покрај тоа што ќе играме без дури осум стандардни репрезентативци, сепак, убедени сме дека имаме сили за позитивен резултат“, вели Грнчаров.
На вчерашната прес-конференција, пак, Јаневски нагласи дека нема да прави никакви формациски промени во тимот во однос на претходните натпревари со Хрватска и со Словенија, но ќе има одредени промени во имињата, со цел да се испробаат неколку фудбалери на одредени позиции.
„Нема да менуваме многу во формацискиот дел, освен што две до три нови имиња ќе има на одредени позиции. Не е неважно како ќе минеме резултатски на натпреварот, затоа и ќе се држиме главно на составот што играше против Србија“, истакна Јаневски.
А, од новините се очекува деби под палката на Јаневски на десниот бек Александар Тодоровски, игра од првата минута на централните дефанзивци Ванче Шиков и Грнчаров, како и промоција на напаѓачот на швајцарски Цирих, Адис Јаховиќ.
Ова ќе биде трет меѓусебен дуел, во кој Македонија влегува со две победи во претходните два, кои исто така беа од пријателски карактер. Токму Словенците беа соперникот во првиот меч на македонскиот национален тим, одигран на 13 октомври 1993 година во Крањ, на кој „црвено-жолтите“ славеа со 4:1. Неколку месеци подоцна „змајчеки“ гостуваа во Скопје, а Македонија победи со 2:0.
|