13.11.2012, 16:08 Во Франција има околу 300.000 „евтини“ странски работници
Долго време во француските медиуми се споменуваа „полските водоинсталатери“ за да се опише стравот од проширувањето на Европската унија кон земјите од Централна и Источна Европа, ова како илустрација на директивата Болкенштајн.
Оваа директива им дозволуваше на сите државјани од земјите членки на ЕУ, да работат во друга земја членка, според социјалните услови (давачки за платите) на матичната земја, односно претпријатијата ги плаќаа своите работници според законите и износите кои се практикуваат во земјите каде што е нивното социјално седиште, а не според тие на земјата каде што ��и изведуваат работите или ги даваат услугите.
Директивата беше реформирана, исто како и принципот, но според доверливите белешки на француското Министерство за труд, објавени во француските медиуми, бројот на „лоу кост“ работници кои дошле да работат во Франција постојано се зголемува.
Во 2010 година, официјално нивниот број бил 110.000, но според процените на Министерството за труд, нивниот број бил околу 220.000 до 330.000 работници.
Бројот на „евтините“ работници според документите на министерството, само минатата година се зголемил за 15 отсто, ова поради недостигот од работна рака во Франција во одредени сектори и покрај големата стапка на невработеност, но и поради атрактивноста на овие работници во контекст на зголемено штедење во претпријатијата.
На работниците од новите земји членки на ЕУ им се приклучија и работниците од Шпанија и Португалија, кои исто така се силно погодени од кризата, што според некои политичари, како Жан Артиус, сенатор од Мајен, води кон зголемување на невработеноста во Франција. |