13.11.2012, 09:28 Скопје го одбележува Денот на ослободувањето
Со повеќе културни, хуманитарни и спортски манифестации, денеска ќе биде одбележан 13 Ноември - Денот на ослободувањето на Скопје
Градоначалникот Коце Трајановски ќе се сретне со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борци од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија. Потоа делегација на Град Скопје, предводена од градоначалникот Трајановски ќе положи цвеќиња пред Споменикот на ослободителите на Град Скопје на Партизанските гробишта Бутел и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски на Градските гробишта Бутел.
Во 11:30 часот, пред Споменикот на ослободителите на Скопје, на платото пред Владата високи државни делегации, борците од НОВ, претставници од Армијата на Република Македонија, претставници на општините на Град Скопје, членови на други институции, како и официјалната делегација од Град Скопје ќе положат цвеќиња. Тука предвидено е да се обрати градоначалникот Трајановски, кој потоа ќе ги посети штитениците во Клубот на Здружението на пензионери „Солидарност“, што се наоѓа во населбата Аеродром, каде ќе се одржува традиционалниот шаховски турнир на пензионерите на Град Скопје.
Настаните за чествување на Денот на ослободување на Скопје - 13 Ноември ќе продолжат вечер, во 18:30 часот, во Фоајето на Македонската опера и балет, со отворањето на традиционалната изложба на уметничките дела создавани на Меѓународната ликовна колонија „Скопје 2012“, што секоја година се одржува во хотелот „Арка“ во Старата скопска чаршија.
По отворањето на изложбата во МОБ, градоначалникот Коце Трајановски ќе им ги врачи признанијата на добитниците на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје“ за 2012 година. Професорите Јове Кекеновски и Александар Трајановски се добитници на наградата „13 Ноември“ во областа на науката, а Асани Џеладин и ЈП „Службен весник“ на РМ во областа на публицистиката. М-р Викторија Наумоска Еремеева е добитник на наградата во областа на образованието и воспитувањето, а Бранко Цветкоски во областа на културата. Од областа на спортот наградени се Томи Александровски и Венцислав Недев, а Здружението за развој на ромската заедница - СУМНАЛ и Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост - ПОРАКА Скопје во областа на хуманитарната активност и социјалната заштита. Во категоријата ученици и студенти, наградени се Анастасија Сековска Аврамовска (средношколец), Харис Бабачиќ и Елмедина Хасани.
Во рамки на централната манифестација по повод одбележувањето на 68-годишнината од ослободувањето на Скопје, во 20 часот во МОБ ќе биде изведена обновената опера „Лидија од Македонија“, чиј композитор е Ристо Аврамовски, а под диригентската палка на гостинот од Италија, Алесандро Д' Агостини.
Операта е во два дела, а режисер на претставата е Пламен Карталов од Бугарија. Праизведбата на оваa опера беше на 9 мај 2005 година на сцената на МОБ. Солисти во операта се Весна Гиновска – Илкова, Игор Дурловски, Горан Начевски, Ѓорѓи Цуцковски, Ернес Ибраимовски, Ана Ројдева – Талевска, Олгица Милевска, Марика Поповиќ, Катерина Бошковска, Игор Гиновски, Димитар Кожухаров, Дејан Стоев, Зоран Даскаловски, Кристијан Антовски, Викторија Јанкуловска и Драган Ампов.
Од 09 до 17 часот во Домот на АРМ ќе биде организирана традиционалната крводарителска акција на Црвениот крст на Град Скопје.
По повод одбележувањето на Денот на ослободување на Скопје, овој месец се реализираа повеќе спортски манифестации, како планинарската тура на студентите во Скопје „Водно 2012“, турнир во мал фудбал на јавни претпријатија на Град Скопје, Меѓународен кугларски турнир „Скопје Опен 2012“, кајак спуст по реката Вардар и ноќна атлетска трка „Низ улиците на Скопје“.
На 13 ноември пред 68 години борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.
По неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та гренадирска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која беше распоредена пред Качаничката клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.
Скопје првпат се спомнува од Клаудиј Диоломеј под античкото име Скупи. Името Скупи (колиба, засолниште, стреа) првпат се јавува кај племето Пеонци. Скупи, исто така, значи и „населба на див народ“, бидејќи Дарданците биле алчни и сурови непријатели на Македонија и античкиот свет.
Според историските податоци, градот е формиран од Дарданците во третиот век пред нашата ера, а подоцна во 164 година пред нашата ера паѓа под власт на Римјаните и станува дел од провинцијата Мезија, дел од областа Дарданија.
Во времето на императорот Октавијан Август, од 13-та до 11-та година пред нашата ера, Скупи од логор на двете Македонски легии - 5-та Македонска и 4-та Скитска легија прераснал во град.
Подоцна во 84-та или 85 година императорот Домицијан основал колонија Флавија Скупи, град со римски самоуправни права кој бил најголем на просторот од Солун на југ до Дунав на север. Во тоа време Скопје доживува голем развој и станува град со свој бискуп.
Градот е разурнат во катастрофалниот земјотрес на 28 април 518 година. По земјотресот Скупи веќе не се спомнува, а скопската котлина добива нов град со името Јустинијана Прима.
По доаѓањето на Словените во шестиот век градот е заземен од племето брсјаци и го добива името Скопје. За време на владеењето на првиот македонски цар Самоил, Скопје станува дел од Самоиловото царство.
Во подоцнежниот период градот потпаѓа под власт на Византија, Бугарија и Србија, а на 19 јануари 1392 градот го зазеле Турците и го добил името Ускуп.
Во 1555 година градот повторно е разурнат од катастрофален земјотрес, но набргу е обновен и станува турско воено упориште.
Во 16-от и 17 век Скопје е најголем и најбогат град во европскиот дел на Османлиската империја. На 25 и 26 октомври 1689 година градот го освоил Австро-унгарскиот генерал Силвио Пиколомини, кој подоцна го запалил Скопје поради епидемија на чума и за да не им остави ништо на непријателите. Градот горел цели два дена и бил скоро целосно уништен.
Во 19 век Скопје станува важен сообраќаен центар и во него цвета занаетчиството. На 25 октомври 1912 година по 520-годишно владеење Османлиите го напуштаат Скопје, а веќе наредниот ден влегува Моравската дивизија на српската војска со што градот потпаѓа под српска окупација.
За време на Првата светска војна Скопје се наоѓа под окупација на бугарските и на австро-унгарските сили, а по завршување на војната стана дел од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците.
Во Втората светска војна Скопје повторно е окупирано од Бугарија, сојузник на нацистичка Германија. На 22 април 1941 година бугарската Петта армија го окупира Скопје и останува во градот се до капитулацијата на фашистичка Бугарија на 9 септември 1944.
По ослободувањето од фашистичкиот окупатор на 13 ноември 1944 година градот бргу се развива и станува индустриски, културен и административен центар на Социјалистичка Република Македонија, која е во составот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
На 26 јули 1963 година во 5 часот и 17 минути Скопје доживува трето разорување од катастрофален земјотрес. Градот е скоро целосно разурнат од земјотресот со јачина од 9 степени според Меркалиевата скала.
Во земјотресот загинаа 1.070 луѓе, а околу 2.900 беа повредени. Над 80 отсто од преживеаното население остана без покрив над глава. Веста за земјотресот што го зафати Скопје брзо се рашири низ целиот свет и помош почна да пристигнува од сите страни.
Првата помош дојде од припадниците на војската на тогашна Југославија, а подоцна пристигнаа експерти и лекарски екипи од голем број земји во светот. Со помош од 87 држави од светот Скопје повторно се изгради и затоа градот го носи епитетот „Град на солидарноста“. |