13.11.2012, 15:16 (ФОТО) Почит за ослободителите на Скопје
Традиционално, 13 Ноември одбележан со хуманитарни, културни, спортски манифестации
Со положување цвеќе пред Споменикот на ослободителите и пред споменикот на Михајло Апостолски на гробиштата во Бутел, многубројни делегации денеска им оддадоа почит на ослободителите на Скопје како дел од активностите за одбележување на 13 Ноември.
„Денес се навршуваат 68 години од денот кога жителите на Скопје ја дочекаа и ја славеа слободата. Од тој ден, Скопје пулсира како слободен град и се движи по патеката на својот постојан развој. Затоа и денес гордо стоиме тука, пред овој споменик во чест на ��слободителите на нашиот главен град. Тука сме уште еднаш да ја оддадеме нашата длабока почит на сите оние кои го дадоа својот живот за слободата на градот Скопје и на сите преживеани борци, кои пред нас и овој пат сведочат за еден од најсветлите денови од историјата на нашиот град“, истакна градоначалникот Коце Трајановски пред Споменикот на ослободителите, пред платото на Владата.
Трајко Стаматоски, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борците од народноослободителната антифашистичка војна истакна дека извојуваната слобода е дело на целиот македонски народ, па затоа таа мора да се чува како најголема светост од сите и во сите времиња, без оглед на тоа која констелација ја има во моментот власта во земјата.
Традиционално, 13 Ноември во организација на Град Скопје се одбележа со повеќе културни, хуманитарни и спортски манифестации. (Дс.Т.)
|