13.11.2012, 15:13 Македонија по десетти пат ќе се разеленува на 21 ноември
Во ноемвриската акција, како што информира директорот на „Македонски шуми“ Караџовски, предвидено е да се засадат 3.200.000 садници на површина од 803 хектари.
Под мотото „Спортски е да се сади“ на 21 ноември ќе биде реализирана 10. јубилејна акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“.
Во ноемвриската акција, како што информира директорот на Јавното претпријатие „Македонски шуми“ Жарко Караџовски, предвидено е да се засадат 3.200.000 садници на површина од 803 хектари.
- Од предивденото 574 хектари ќе бидат нови површини, а 131 хектар ќе бидат површини коишто ќе треба да ги коригираме, како и 98 хектари опожарена површина. Заедно со обврските од проширената репродукција уште околу два милиони садници ќе треба да ги пошумиме до крајот на годината или вкупно се заедно околу 5.200.000 садници, изјави Караџовски за МИА.
Ќе се пошумува на повеќе локации, односно на сите површини што се пошумуваа изминатите пет години, Ајватовски Рид, Водно, Мршевци...
- Ги повикуваме граѓаните во еден ден да пошумиме пет милиони садници. Секогаш повикуваме да ја засадиме максималната количина, а инаку е невозможно во еден ден да се пошумат 5.000.000. Со акцијата „Ден на дрво“ ни е цел да ги стимулираме граѓаните што повеќе да излезат, да влијаеме на нивната свест. Ако пошумиме претпоставка два милиони тој ден ќе останат помалку, значи остатокот го доработува „Македонски шуми“, рече Караџоски.
Заради поголема излезеност во акцијата Владата донесе одлука 21 ноември да биде неработен ден за граѓаните на Република Македонија.
Традиционално и оваа година дрвца ќе садат претставници од дипломатскиот кор, армијата, министри, ученици, познати спортисти...
Според показателите од Инспекторатот за шумарсво во 2008 година посадени биле 5.300.000 садници, а успешноста била 57,50 отсто, во 2009 година 7,5 милиони, а успешноста била 68,84 проценти. Во 2010 - 7.645.000 успешноста била 57,73 отсто, а во оваа година имаме пошумено скоро два милиони садници покрај автопатишта и во 2011 година имаме 3.400.000 садници и 600.000 покрај патишта. Вкупно од 2008 до 2011 година се пошумени 12.200 хектари или 30.400.000 садници.
|