13.11.2012, 15:25 Чибишев: Лекарите од токсикологија нема да штрајкуваат
Во пресрет на генералниот штрајк на здравствените работници чиј почеток е закажан за утре во 7:30 часот, Универзитетската клиника за токсикологија ќе работи со полн капацитет бидејќи до денеска од претставниците на Синдикатот немам добиено список на вработени кои ќе штрајкуваат што е законска обврска, истакна денеска на прес-конференција директорот на Клиниката, Андон Чибишев.
Тој посочи дека според нивната сметководствена евиденција, од 72 вработени само 14 се членови на Самостојниот синдикат на клинички центри и други здравствени организации во Македонија. Од нив, рече Чибишев, пет вр��ботени со своерачни изјави потврдија дека нема да штрајкуваат. Тој ги повика сите пациенти кои имаат потреба од услуги и прегледи од областа на Интерната медицина и токсикологијата да се обратат во нивните амбуланти и дијагностички кабинети каде на најсоодветен и стручен начин ќе бидат услужени.
На Клиниката, појасни Чибишев, работат 16 доктори специјалисти по интерна медицина и друг соодветен медицински персонал.
- Со оглед на тоа дека на претходниот штрајк на здравствените работници, директорот на Клиниката беше спомнат како еден од директорите кои вршеле притисок на вработените кои сакале да штрајкуваат да не го прават тоа, јавно ги повикав Синдикатот и вработените на кои сум им вршел притисок да покренат соодветна постапка пред надлежните институции. Бидејќи пријави до денес нема, а во последните неколку дена се шират информации дека јас повторно од партиско-политички причини вршам притисок на вработените да не штрајкуваат решив да ја информирам јавноста дека Клиниката нема да штрајкува и ќе работи во нормални работни услови, додаде Чибишев.
|