13.11.2012, 15:05 (ФОТО) Донација од МПМ и Државна лотарија за народните кујни
Донацијата се состои од 3.376 вредносни ваучери од „Тинекс“ кои ќе бидат доделени како прехранбени производи во народните кујни
ФОТО: Петр Стојановски
Државната лотарија на Македонија и Медиа Принт Македонија доделja донација вредна 1.012.800 денари за народните кујни низ државата.
Донацијата се состои од 3.376 вредносни ваучери од „Тинекс“ кои ќе бидат доделени како прехранбени производи во народните кујни.
- Општествено социјалната одговорност што ја покажуваат овие фирми е нешто што нам ни е исклучително потребно особено во услови кога Владата прави се во овие тешки економски времиња на криза и рецесија да ги надмине проблемите на граѓаните и да го олесни тој дел од нивното секојдневно функционирање. Ваквата помош од компаниите, без разлика дали се во државна или приватна сопственост се прекрасен сигнал. Би апелирал сите да субјекти и секој поединец да помогне бидејќи само така заедно можеме да се бориме со сиромаштијата и гладот, рече при преземањето на донацијата министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Тој додаде дека проектот за народни кујни се имплеметира шеста година и оти тој треба да продолжи, бидејќи, како што рече, во земјава има граѓани на кои им е потребна грижа за да иом се обезбеди и топол оброк.
Досега во Македонија се отворени 36 народни кујни во урбани средини, а пет во рурални. До крајот на 2012 година, како што најави Ристовски, ќе биде отворена уште една во рурална средина, а во 2013 дополнителни четири, исто така надвор од градовите.
Во народните кујни околу 3.800 корисници, социјални загрозени лица, од понеделник до петок добиваат топол оброк, а за деновите од викендот им се даваат пакети со ладни оброци. Народните кујни функционираат со средства од ддржавата.
Донацијата на министерот Ристовски му ја предадоа директорите на Државната лотарија и на Медиа принт, Владимир Бахчовановски и Виктор Доневски.
Оваа донација е резултат на играта на среќа „Среќни вести“ што Лотарија на Македонија ја спроведуваше во соработка со МПМ. Тие одлучиле сите неискористени ваучери по завршувањето на играта да ги доделат на некоја социјална уставнова, а во договор со Министерството за труд и социјална политика била донесена одлука тие да се донираат на народните кујни.
|