12.11.2012, 15:54 Судот укажува на забрана за изнесување информации за „Монструм“
Во врска со кривичниот предмет со работен наслов „Монструм“ Основниот суд Скопје 1 денеска уште еднаш им укажа на електронските и печатени медиуми дека во оваа кривична постапка е издадена наредба за забрана за изнесување информации во јавноста, а со цел да не се наштети на текот на постапката.
Судот, како што стои во денешното соопштение, ја има предвид и презумпцијата на невиност.
- Ова укажување од страна на Судот е од причина што во текот на вчерашниот ден од страна на една телевизиска куќа во посебен прилог-емисија кој беше посветен на овој кривично-правен настан, во јавноста се објавени делови од обвинителниот акт во печатена форма, а воедно и дел од исказ на обвинет за кој Судот после неговиот распит издаде Наредба за забрана изнесување на информации. Видно од приложеното, објавени се делови кои биле со степен на класификација за кои до судот е доставено Решение за декласификација, но тоа не значи дека истите смеат да се објавуваат бидејќи декласификацијата значи ограничена употреба на овие докази во судска постапка, но не и надвор од судот, се појаснува во соопштението.
Со оглед на фактот дека се уште е на сила наредбата за забрана изнесување на информации, а со цел да не се наштети на понатамошниот тек на постапката за кое нешто во повеќе наврати од страна на судот со официјално соопштение им е веќе укажано на медуиумите, Основниот суд Скопје 1 Скопје уште еднаш укажува дека секој коментар кој значи и повреда односно кршење на издадената наредба нанесува директна штета на текот на оваа кривична постапка и повлекува соодветна одговорност за електронскиот или печатен медиум кој истото ќе го објави.
Основниот суд Скопје 1 Скопје, се наведува во соопштението, нема да навлегува во тоа како и на кој начин новинарот на оваа телевизиска куќа го обезбедил примерокот на обвинителниот акт и другите факти кои се изнесени, но укажува дека Судот има точна евиденција кога и на кого ги има доставено актите од овој судски предмет.
|