12.11.2012, 16:57 Загадениот воздух годишно убива 1.350 лица
Македонија е меѓу земјите во кои најмногу ќе се почувствува влијанието од климатските промени, анализа на Светска банка
Македонија е меѓу земјите во која најмногу ќе се почувствува влијанието од климатските промени. За да има одржлив развој политиките треба да ги насочи во зелена економија. За нивно утврдување Светска банка направи анализа по сектори, која треба да ги даде насоките за натамошна севкупна анализа и подготвување политики и акциски план.
„Сите податоци покажуваат дека Македонија ќе биде особено ранлива на промената на климата. Затоа треба да се вложува во енергетската ефикасност, одржлива употреба на природните ресурси и иновации и зелени работни места“, порача директорката на Светска банка за Југоисточна Европа Џејн Армитаџ. Според неа, многу е важно да се смени и начинот на однесување и навиките на луѓето.
Анализата по сектори се прави првпат во Македонија. Разработени се основно сценарио без промена на политиките, зелено сценарио што предвидува скромни мерки за приспособување и суперзелено сценарио кое опфаќа спроведување амбициозни мерки за ублажување и приспособување во повеќе сектори. Со анализата се опфатени снабдувањето со енергија, транспортот, урбаните аспекти, загадувањето на воздухот и земјоделството.
Кај енергијата се препорачува насочување кон позелено снабдување со енергија, поттикнување на јавниот превоз и користење велосипеди, подобрување на ефикасноста на возниот парк, инвестиции во железничкиот сектор, градовите да се насочат кон урбани политики и инвестиции. Како значителен проблем е посочено загадувањето на воздухот со ситни честички што ја чини економијата 253 милиони евра годишно или 3,2 проценти од БДП во минатата година. „Годишно се губат околу 1.350 животи како резултат на загадувањето на воздухот со ситни честички. Доколку се намалат загадувањето до граничните вредности на ЕУ, би се избегнале над 800 смртни случаи“, се посочува во анализата. Климатските промени може да влијаат и на снабдувањето со вода во Македонија. Анализата покажува дека до 2050 година сите сливови ќе доживеат намалување на средниот годишен проток. Кај земјоделството е потребно приспособување за да не се намали придонесот од него.
Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, приоритет ќе биде водата, односно нејзината употреба бидејќи онаа вода што ја имаме нема да биде доволна.
Тој додаде дека доколку се продолжи со постојните политики, негативните ефекти ќе бидат поголеми, затоа Пешевски вети дека ќе се води сметка за енергетската ефикасност, урбаното планирање, употребата на јавниот транспорт. (С.М.) |